Македонија
22. August 2024 - 18:08

Гаши: Mе оцрнуваат зашто не прифаќаат поинаков профил на функционер

Претседателот на Собранието, Африм Гаши нагласува дека целата ситуација со приватното патување во Косово не е резултат на намерен обид за оцрнување или елементарно непознавање на нештата за толку прости работи, колку што е резултат на невиден отпор да се прифати еден поинаков профил на претседател на Собрание.

-Се појавија неосновани тврдења дека злоупотребувам службени возила, и покрај тоа што сум обврзан со закон да бидам постојано обезбедуван и за време на службените должности и при приватно патување. Кога овие тврдења се гледаат изолирано, тие навидум може да изгледаат како тенденции за прикажување инциденти. Сепак, верувам дека тие се симптоми за едно подлабоко прашање, кое е присутно со години. Сето ова ми дава за право да разберам дека оваа ситуација не е резултат на намерен обид за оцрнување или елементарно непознавање на нештата за толку прости работи, колку што е резултат на невиден отпор да се прифати еден поинаков профил на претседател на Собрание, кој по 22 години промовира различни вредности од тоа што било претходно. За нивна жал, нивниот век заврши на 8 мај, вели Гаши во интервју за неделникот „Фокус“.

Тој додава дека неговата политичка мисија отсекогаш била да покаже дека, како што вели, земјава може да ја водат професионални, компетентни, квалификувани и доброобразовани поединци. Воедно, посочува дека за време на трите месеци, колку што е на оваа функција, направил значајни чекори за воспоставување и функционализација на парламентарна инфраструктура на Собранието.

-Мојот избор за претседател на Собранието беше поддржан од сите коалициски партнери, а мојот професионален интегритет е нешто со што се гордеам, без разлика дали го ценат сите. Проблемот што некои кругови го имаат не е со моите квалификации, туку со фактот дека јас претставувам нов профил на носител на функција во оваа земја. Како претседател на Собранието, врз себе носам минато како правник, уредник, долгогодишен граѓански активист и десетгодишно политичко искуство. Мојот избор беше заснован на заслуги, а не на сомнителни зделки или врски. За разлика од некои други слични политички експоненти, јас немам членови на семејството на високи државни позиции, кај мене не може да најдете ниту еден случај на злоупотреба на позицијата за лични или семејни придобивки…, посочува спикерот Гаши.

Претседателот на Собранието Африм Гаши беше критикуван и обвинуван дека користи службени возила на приватни патувања, откако во медиумите претходниот викенд се појави видео каде тој со службено возило бил виден на граничен премин кон Косово во колона на свадбена поворка.

На 3 септември е закажана пленарна седница на која е ставена на дневен ред  Интерпелацијата за претседателот на Собранието Африм Гаши поднесена од пратениците на Левица.