Македонија
18. April 2022 - 18:22

Герасимовски: Пожарот во „Треска“ не предизвика сериозна загаденост на воздухот

Пожарот во „Треска“ не предизвикал сериозна загаденост на воздухот. Тоа го потврдуваат информациите од околните мерни станици кои во периодот од 13-ти април, ден пред настанувањето на пожарот, до денеска, не покажуваат надминување на параметрите за загаденост на воздухот, истакна градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски, по денешниот состанок на „Штабот за заштита и спасување“ во Општина Центар.

Герасимовски, по состанокот на кој учествуваа и други надлежни институциии, со цел да се слушнат стручните мислења во поширока дискусија за состојбите во фабриката „Треска“, извести дека увидот од страна на Министерството за внатрешни работи е завршен, но во тек е предистражна постапка на Јавното обвинителство, по што Општината ќе ги знае конечните чекори за постапување.

– Во овој момент Општина Центар ги чека записниците од МВР и Противпожарната служба, како и насоките од Министерството за животна средина за да знаеме како да постапиме во однос на планираното отстранување на објектите кои се наоѓаат таму, изјави Герасимовски.

Тој посочи дека „Треска“ е фабрика за дрвна индустрија и тука, како што додаде, пред сѐ, се работи за материјали од дрво, железо, бои и лакови и други материјали од тој тип.

– Само покривните табли се од компанијата „Салонит“ (попознати како салонитки) и во нивниот состав се наоѓа опасниот елемент азбест. Како што претходно кажав, состојбата во фабриката е навистина страшна, локацијата е можно жариште на нови пожари, но и еколошка катастрофа и депонија среде Центар. Таму согласно законските прописи, самите сопственици на објектите треба да си го исчистат отпадот, по налог на општината и останатите надлежни институции, потенцираше Герасимовски.

Градоначалникот информираше дека Општина Центар, согласно Законот за управување со отпад на приватен имот и во координација со надлежните институции, ќе им наложи на сопствениците во даден рок да го отстранат отпадот.

– Доколку во дадениот рок објектите не се отстранат, Општина Центар ќе испрати допис до ЈП „Комунална хигиена“ за да ја преземе обврската за отстранување на разрушените бараки од фабриката. При што сметката за тоа ќе биде на товар на сопствениците, истакна Герасимовски.

На новинарско прашање околу тоа каква политика ќе води Општина Центар за таа парцела, бидејќи е доста атрактивна, Герасимовски повтори дека за таму е важечки планот за ДУПот од 2013 години. Тој додаде дека е отпочната процедура за нова планерска куќа којашто ќе прави нов ДУП на таа површина.

– Дополнително, како што кажав најважно ни е расчистувањето на просторот, најмногу од штетните материјали што делумно ги има таму, а и дополнително отстранување на самите објекти. Но пред да почнеме било што во комуникација сме со ОЈО за да добиеме насоки како понатаму. Неколкупати напоменувам, има важечки ДУП, се бориме за што повеќе јавно добро, да има што повеќе зеленило на истиот простор. Имавме многу состаноци и со сопствениците и со Комисија за урбанизам. Мое е да се борам да биде што подобро уреден самиот простор, истакна Герасимовски.

На „Штабот за заштита и спасување“ кој го свика градоначалникот Герасимовски присуствуваа претставници од МВР, ЦУК, ДЗС и инспектори при Државниот инспекторат за животна средина, додека, како што наведоа од Општина Центар, немало претставник од Противпожарната служба, иако биле уредно поканети од страна на Општината.