Македонија
30. January 2023 - 13:18

Град Скопје: ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ во коалиција против Данела Арсовска

Уште еднаш на дело се покажа коалицијата помеѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ при денешното гласање во Заедница на единиците на локална самоуправа на Република Македонија, велат од Град Скопје.

-Со здружени гласови на градоначалниците на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, претставници во ЗЕЛС, беше разрешена од позицијата претседател на ЗЕЛС, градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска. Ова е само последниот пример за соработката помеѓу две партии на штета на граѓаните за нивните лични и теснопартиски интереси. На постојниот политички естаблишмент очигледно му пречат луѓе со визија, вредни и чесни, луѓе кои се независни и делуваат исклучително во интерес на граѓаните, нагласуваат од Град Скопје.

Според локалната самоуправа на Скопје, на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ очигледно му пречат луѓе кои знаат да кажат не на корупцијата и криминалот, луѓе кои јавниот го ставаат пред бизнис интересот на врхушката во партиите.

-Истите луѓе кои се најзаслужни за ерозија на македонското општество во сите сфери од денес ја превземаат контролата врз единствената национална асоцијација и непрофитна организација, во која на доброволна основа членуваат сите 80 општини и Градот Скопје, наведуваат од Град Скопје.