Македонија
11. November 2016 - 14:27

Градоначалникот Алексовски најави четири нови проекти во Крива Паланка

Градоначалникот на Крива Паланка Арсенчо Алексовски најави четири инфраструктурни проекти во општината. Ќе се градат три нови патни правци и ќе се изврши регулација на Белевски дол.
 
- Општина Крива Паланка доби право да користи ЕУ грант во износ од 290.000 евра од кои 260.000 евра се грант, а дополнителните 30.000 евра ќе се кофинансираат со буџетски средства од општината за изградба на три патни правци: улицата „Ацо Шопов“ во населбата Лозаново, патен правец во село Конопница спој М2 до Домот и патен правец месноста викана Деловодци – Кула црква во село Конопница, рече Алексовски.
 
Тој информира дека изведувачот веќе е избран на тендер, а договорот ќе биде потпишан во понеделник, по што веднаш ќе отпочне градбата.
Исто така ќе се реализира и проектот за дорегулација на Белевски дол од поранешна „Тивка ноќ“ кон Крива Река.
 
- Овој проект ќе се гради со дел од средствата одобрени со поодамнешен грант на Светска банка за изградба на 9 градски улици и мост. Дел од средствата се грант, околу 2,5 милиони денари, а другиот дел ќе бидат вложени од буџетот на општината. Вкупната вредност на проектот е 5.520.140 денари, додаде Алексовски.
 
Тендерската постапка, како што рече, е завршена, избран е најповолен понудувач и како и претходните три проекти се очекува следната недела да почне да се реализира.
 
- Сите овие проекти значат подобрување на условите за живот на граѓаните. Овие патни правци да ја подобрат патната инфраструктура во општината, додека со дорегуација на Белевски дол ќе се зголеми безбедноста на домовите кои се наоѓаат долж коритото на долот, потенцира Алексовски.
 
На барање на Владата од Европска унија одобрени се 15,5 милиони евра за развој на рурална инфраструктура во општините. Вкупниот износ на Програмата која ја имплементира Министерството за финансии, а е администрирана од страна на Светска банка заедно со средствата кои ги кофинансира Владата изнесува 20. 667.000 евра. Дел од овие средства им се доделуваат на општините во форма на грантови и треба да придоенасат за подобрување на инфраструктурата во руралните области.