Македонија
23. August 2022 - 13:47

Градоначалникот Костадинов на увид во изградбата на првиот булеварски мост во Струмица

Градоначалникот Костадин Костадинов денеска изврши увид во изградбата на првиот булеварски мост во Струмица, кој се подига на реката Водочница на трасата на булеварот „Братство и единство“ во урбаниот дел на градот. 

Средствата во износ од 30 милиони денари се обезбедени од општинската каса и е една од поголемите капитални инвестиции во Струмица, која треба да биде завршена за една година. 

Според градоначалникот Костадин Костадинов, мостот „Обединување“ е најзначајниот проект за отворање ново грло во градот и развој на тој дел. 

-Овој мост е основа за реализација на уште поголемиот проект, а тоа е новиот булевар во Општина Струмица, „Братство и единство“ и секако да почнеме со изградба на новиот градски пазар кој е предвиден тука и за него веќе е порачана техничко-проектна документација,која е во финална фаза.

Мостот е со должина од 15 метри на еден распон и ширина од 23 метри, односно булеварско решение со две посебни коловозни сообраќајни ленти од по седум и пол метри, тротоари од двете страни по три метри и среден слободен простор помеѓу двата коловоза од два метри.  

Струмичкиот градоначалник најави и други капитални инвестиции, а најголема е изградбата на социјалната населба во Турското маало, за која е распишана јавна набавка за првата фаза.