Македонија
9. December 2016 - 15:10

Груевски: Изградба на нов Агропазар кај Неготино за поддршка на земјоделците

Еден од најкрупните проекти предвидени за реализација со изборната програма „Реално“ во регионот на Неготино и Демир Капија е „Агропазар Македонија“ што ќе функционира како берза на земјоделски производи, изјави денеска пред жителите на Криволак во Неготинско, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и носител на листата за пратеници на Коалицијата „За подобра Македонија“ во ИЕ 4 Никола Груевски. 

- Некаде помеѓу Неготино и Демир Капија ќе се утврди точно локацијата, ќе се отвори и ќе се изгради т.н. „Агропазар Македонија“, што всушност е еден вид земјоделска берза по теркот на Амстердамската берза. Ќе се изградат поголем број објекти. Некои од нив ќе бидат застапени складишни центри, трговски и други компании за набавка на свежи и преработени земјоделски производи кои ќе се дистрибуираат во земјата и во странство. Некои од нив ќе бидат ладилници, некои од нив државни, некои приватни, некои ќе бидат калибратори, некои за сортирање, рече Груевски.

Тој појасни дека централниот објект ќе биде место каде што ќе се врши купопродажбата и тоа на лице место и преку интернет, со помош на камери инсталирани за да може некој од друг град, од друга држава да го погледне производот и преку компјутер да купи дел од него и да плати електронски.

- Ова ќе биде многу голем објект, вреден над 20 милиони евра, каде ќе доаѓаат многу земјоделци и многу откупувачи како од земјата така и од странство. Но, и многу од купувачите ќе може да купуваат и преку интернет. Ваков проект нема во нашиот регион. Агропазарот на некој начин ќе стане и регионална земјоделска берза бидејќи најблиску што има вакво нешто е во Будимпешта, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Агропазарот ќе биде лоциран во непосредна близина на Неготино и освен што ќе им помогне на земјоделците, вели Груевски, сигурно ќе има и друга индиректна помош за целото стопанство во околината кога толку многу компании, лица, индивидуалци ќе доаѓаат тука.

- Ќе доаѓаат шпедитери, ќе има царински терминал, ќе има разни други компании што вршат помошна дејност - транспортери, шпедитери итн., се она што е поврзано на некој начин и што може да им даде индиректна услуга што секако ќе влијае и на вработувањето, порача Груевски.