Македонија
2. October 2015 - 18:10

Груевски: Ние сме Македонци, зборуваме на македонски јазик

Нашата позиција е добро позната и таа е во контекст на реалноста, дека ние сме Македонци, говориме македонски јазик и живееме во држава со уставно име Република Македонија. Меѓународното право треба да се почитува од сите и во сите случаи, а не наменски, порача македонскиот премиер Никола Груевски во обраќањето пред Генерално собрание на ОН во Њујорк осврнувајќи се на прашањето за разликата со Грција околу името на Република Мкаедонија.

Ова нерешено прашање, посочи, за жал, стои на патот на трајна стабилизација на нашиот регион, и директно влијае врз мојата земја и сѐ уште стои во агендата на ОН. 

- Нашата позиција е мошне позната. Решавањето на разликите со нашиот јужен сосед е наш приоритет, во рамките на границите на резолуциите на ОН и согласно меѓународното право, кои го дефинираат решението кое е предмет на разговори и взаемно прифатливото решение. Нашата позиција е добро позната и таа е во контекст на реалноста, дека ние сме Македонци, говориме македонски јазик и живееме во држава со уставно име Република Македонија. Меѓународното право треба да се почитува од сите и во сите случаи, а не наменски. Оттука и одлуката на Меѓународниот суд на правдата донесена во корист на мојата земја треба да се почитува од сите членки на оваа организација, особено затоа што тој суд е основан од ОН и треба да е гарантот на спроведувањето на правдата и на билатералните договори склучени под покровителство на ОН. Во спротивно довербата во светската организација и нејзините тела и органи ќе опаѓа, нагласи Груевски.

Според премиерот Груевски, треба ангажман за да се мотивира Грција да пристапи кон решавање на ова прашање, имајќи ја предвид инертноста која во дел е резултат на објективни причини заради неповолната економска состојба. 

- Како две пријателски земји кои освен овој немаат друг проблем треба да се почитуваме и да соработуваме, да разговараме. Би сакал да ја повикам новата Влада во Грција, како што правевме и во претходните случаи, во духот на добрососедските односи и пријателството, да го решиме ова нерешено прашање како одговорни лидери и држави пред нашите народи. Како соседи, почитувајќи ја Времената спогодба од 1995 година како темел на нашите односи, неодамна договоривме список на практични мерки за градење доверба кои ќе бидат спроведени меѓу нашите земји, позитивен чекор што може да доведе до создавање погодна клима за надминување на разликите во врска со името. Се надевам овој пристап ќе продолжи и со новата грчка Влада, рече Груевски. 

Денешните генерации политичари од двете страни, укажа, треба да направат овој спор, кој е произведен пред 24 години како класична политизација и инструмент кој во минатото требало некому да обезбеди поени во политичката агенда, да може да има решение кое ќе е одржливо, балансирано, и најбитно взаемно прифатливо и кое ќе го поддржат граѓаните на нашите земји и кое ќе обезбеди суштински напредок за Република Македонија, позитивен исчекор на Грција во инвестирањето во гарантирано стабилно регионално опкружување и реализација на интересот на колективните системи за безбедност за меѓународен мир и просперитет и гаранција на нивните интереси.

- Ова решение ќе придонесе во цврстината на регионот и подигнување на капацитетите за отфрлање на предизвиците со загрозувањето на стабилноста од страна на радикални елементи, подобро остварување на меѓународните конвенции за универзалните права и посилен систем за одговор на хуманитарните предизвици, рече премиерот Груевски.

Со таква една трајна стабилизација, порача, широко ќе се отворат можностите за реализација на економски напредок, за поголема соработка на сите земји во регионот во трговската размена и соработката на полето на инвестициите. 

- Сите ние треба да се стремиме кон реализација на крупни економски инфраструктурни проекти, кои ќе опфаќаат поголем број држави и со чија што имплементација следствено ќе се влијае на зголемување на бруто домашниот производ на сите земји партиципиенти и ќе се обезбеди отворање на десетици илјади нови работни места. Берлинскиот процес дава добри моменти во поглед на реализација на овој концепт, а интеграцијата во Европската Унија дополнително ќе го засили тој елан, но и ефикасноста, ефективноста и продуктивноста на реализацијата на шансите во функција на економскиот раст, наведе Груевски.

На тој начин, додаде, ќе продолжиме со стратешките цели за намалување на невработеноста која е суштинска цел од првиот ден на мојот ангажман во политичкиот живот, за подигнување на економскиот стандард на граѓаните, за развој во образованието и културата и во унапредување на стандардите во секоја сфера кои ќе донесат корист и за земјите и за регионот. 

- Затоа, дозволете ми уште еднаш да апелирам тука, во Обединетите нации, додека се потсетуваме на принципите и целите на организацијата, дека двете земји мора целосно да го искористат меѓународното право и правда во решавањето на ова прашање на одговорен начин, почитувајќи ги притоа разликите во нашите позиции, а сепак во обид за нивно надминување, верувајќи во европските вредности и во нашата заедничка иднина, рече претседателот на македонската Влада Никола Груевски.