Македонија
9. July 2024 - 17:09

Хаос пред ЈСП: Директорот и синдикатите се караа кој е виновен што автобус вчера удри во жардиниера

Хаос пред ЈСП, директорот на претрпијатието и синдикатите се караа за тоа кој е виновен за вчерашната сообраќајка. Синдикалците тврдат дека автобусот кој се заби во жардиниера подолго време имал дефект. Возачите пријавувале, но никој не го поправал. Истиот автобус, иако бил расипан, возел и по кривулестиот пат до Водно.

Сите возачи што го возеле возилото претходните денови реагирале дека возилото има недостаток. Тежок волан, пумпа за волан, ред други работи. Но, во гаражата влегува возилото, возачот заминува и му го даваат на другиот возач наредниот по него“ – Елизабета Тошевска, СПАЈС

Имаме сознанија дека истиот овој автобус пред извесен период го користеле за возење до Водно. Замислете, ако такво нешто се случило. Не можеме ние нашите деца да ги пуштаме да се возат со ЈСП каде што безбедноста, еве јавно кажувам, дека е загрозена“ – Марјан Ристески, КСОМ

Директорот на ЈСП кој влета на прес конференцијата, пак, рече дека шират шпекулации. По ова возачот на автобусот кој и самиот беше повреден во вчерашната незгода почна да плаче велејќи дека редовно пријавува недостатоци на автобусите, но не се сервисираат.

Директоре, многупати јас со мојата рака ќе напишам и пријавам дефект, утредента возилото го земаме со истиот дефект, потпишано дека е сервисирано и исправно за линија, а ништо не е пипнато. Со години ја должам линијата 2. Од Сарај до Автокоманда ги знам најситните дупки. Ми побеле коса од волан, досега ова не се случило. Целиот се ежам. Жал ми е за патниците. Вакво нешто не може. Доста е веќе“ – Февзи Арифи, возач на автобус

На прашањето на Сител „нели е срамота вработените да плачат“ директорот на ЈСП рече:

Имаат емоции веројатно. Не би требало да плачат. Срамота е, да“ – Драги Кушовски, директор на ЈСП

Тој неколкупати повтори дека треба да се почека официјалниот извештај на институциите кој треба да покаже како дошло до несреќата.

Јас не сум стручен. Даден е налог на службите, да работат и да видат која е причината. МВР има излезено и направено увид, тие се најнадлежни да кажат дали возилото е неисправно или е друга причината за случката“ – Драги Кушовски, директор на ЈСП

Од Градот Скопје нема никакво соопштение во врска со инцидентот. Според синдикатите, виновна е Арсовска оти постојано менувала директори и не сакала да ги чуе барањата на работниците.

Директен виновник овде е градоначалничката Данела Арсовска. Не може со нејзиното однесување, ароганција спрема вработените, ароганција спрема синдикатите, гледате што се случува. Колку директори смени? Не може никој да не чини во градот, само таа да е најпаметна“ – Марјан Ристески, КСОМ

Освен возачот, во вчерашната несреќа повредени биле и три жени. Сите со возило на Брза помош беа пренесени во клиниката „Свети Наум Охридски“.