Харадинај: Тачи и Весели сакаа да ме скршат поради таксата на увозот од Србија

Косовскиот премиер во оставка и лидер на Алијансата за иднината на Косово (ААК) Рамуш Харадинај вели дека, за време на неговиот премиерски мандат, најголеми противници во текот на средбите со странски претставници му биле претседателот на државата Хашим Тачи и претседателот на Собранието Кадри Весели, јави дописникот на МИА од Приштина.
Во синоќешното интервју за телевизијата Т7, Харадинај рече дека несогласувањата со челниците на другите две највисоки државни институции, кои се воедно и доскорешен (Тачи) и сегашен (Весели) лидер на Демократската партија на Косово (ПДК), посебно доаѓале до израз кога со трети страни станувало збор за таксата од 100 отсто, која неговата Влада во ноември минатата година ја воведе на увозот од Србија и Босна и Херцеговина.
– Немав проблеми со странците, туку со Тачи и Весели. Не само што се повлекуваа, туку се обидуваа да ме скршат и мене, да ме спречат да го заштитам интересот на Косово. Им покажав каде им е местото на сите. Тачи и Весели не ја претставуваа добро ПДК. Покажуваа колебливост, но им покажав каде им е местото, изјави Харадинај.
Според лидерот на ААК, посебно Весели се покажал како „неопстоен“ и демонстрирал „недостаток на стабилност, посебно во случајот на таксата“ кон увозот од Србија.
Коментирајќи ја предизборната кампања на досегашниот коалициски партнер, ПДК, чија главна порака е дека идната влада, предводена од Весели, ќе се посвети на борбата против корупцијата, Харадинај рече дека „парадоксално е партијата што долго време е на власт да претендира на такво нешто“.
– Има одредена дилема за тоа колку е во ред еден политички субјект, кој секогаш бил на власт, и за кој во најмала рака се претпоставува дека го предизвикал високиот степен на корупција, сега да се појави со вакви ставови, изјави Харадинај.
Откако доби покана да се јави во Хаг, во својство на обвинет, пред Специјалниот суд за воени злосторства во Косово во војната од 1998-99 година, Харадинај на 19 јули годинава поднесе оставка од премиерската функција, по што на 22 август Собранието се самораспушти, а претседателот на државата, Тачи, потпиша указ за одржување на изборите на 6 октомври.
Ново на Сител
-

Црни прогнози по двата земјотреса во Венецуела - се стравува дека има илјадници жртви
-

Тесла ќе вработи дополнителни 1.000 работници во својата единствена европска фабрика
-

Славенички и концертен спектакл – 20 години музичка кариера на Јордан Митев
-

Лина Ѓорческа ќе игра на Вимблдон!
-

Анализи: Сообраќајот низ Ормуската Теснина се враќа во нормала
-

Бели волци ископале дупки и избегале од живеалиштата во Зоолошка, усмртиле четири кенгури и ему птици
-

Мицкоски: Со Чебрен и Галиште драматично ќе се зајакне стратешката позиција на државата, не само за електрична енергија, туку и акумулација за вода и туризам
-

Родителите на жртвите од „Пулс“ ја напуштија судницата по барањето за изземање на обвинителката Сарамандова
