Свет
24. јуни 2016 - 15:43

Холандија: ЕУ да посвети повеќе внимание на стравувањата на луѓето

Холандското претседателство со Европската унија соопшти денеска дека Европа треба сега да посвети повеќе внимание на луѓето за прашања како невработеноста, безбедноста и миграцијата.

– Она што треба сега да го направиме е да не продолжуваме по старо туку да ги погледнеме реалните стравувања на граѓаните, изјави холандскиот министер за надворешни работи Берт Кундерс.

Тој предупреди дека постојат две краткорочни опасности: тие доаѓаат од оние кои сакаат да ја разбијат Европа и од другите, кои велат дека сите треба да тргнеме кон уште позасилена улога на Брисел, кон уште позасилена интеграција. Кундерс додаде дека процесот за брегзит ќе биде транспарентен и ќе почне што е можно побргу.