Loading Video...
Спорт плус
14. July 2020 - 19:59

Иџе ќе ја пропушти првата трка од ТЦР шампионатот

Многу спортисти во летниот период се судруваат со проблеми поради граничните бариери. Меѓу нив е и македонскиот автомобилист Игор Стефановски Иџе кој не успеа да пристигне во Италија каде викендов требаше да настапи на патеката Муџело. 
Стефановски и оваа година ќе се натпреварува во ТЦР шампионатот но очигледно е дека ова ќе биде тешка сезона бидејќи патувањето поради пандемијата со Ковид-19 е извонредно отежнато. 
Токму фактот што македонските граѓани не можат да патуваат во европската унија а со тоа и во Италија го попречи Стефановски да ја започне без проблеми новата сезона. 
„Направивме сè, до последен момент очекувавме дека веројатно ќе може да патуваме во Италија и викендов да возам на патеката Муџело. Нашата земја се најде на списокот на земји, чии граѓани поради пандемијата од коронавирусот, добија забранет влез во Италија. Верувам дека во следниот период годинава, јас заедно со мојот автомобил и мојот тим, ќе може да бидеме дел од меѓународните тркачки предизвици. – напиша Иџе на Фејсбук. 
Според Стефановски подготовките за новата сезона минале во најдобар ред и располага со добра екипа и одличен автомобил за што подобро претставување пред љубителите на големите брзини.