Иницијатива за геопарк „Лесново“ под покровителство на УНЕСКО
Во источниот дел на државата, во околината на Пробиштип, се развива иницијатива која има потенцијал да го стави регионот на светската мапа на природно наследство. Станува збор за идејата за формирање на геопарк „Лесново“ проект кој ги обединува природните, геолошките и културните богатства на овој простор. Овој регион е познат по своето вулканско потекло. Впечатливите карпести формации, пештери и остатоци од древни вулкански активности сведочат за богатата геолошка историја, што го прави исклучително атрактивен за научници, туристи и љубители на природата. Во рамки на иницијативата, се работи на валоризација и заштита на локалитетите, со цел подрачјето да стане дел од мрежата на геопаркови под покровителство на УНЕСКО.
- Се надевам дека ќе наидеме на поддршка од општините од Источниот плански регион, Бирото за рамномерен регионален развој, локалната самоуправа, па и Владата, бидејќи ова е едно специфично вулканско подрачје кое ќе претставува место каде што ќе можат сите заинтересирани посетители за овој тип на туризам, да видат како изгледа еден кратер и кои се убавините на овој лесновски регион, изјави Тони Тоневски, градоначалник на Пробиштип.
Доколку оваа цел се реализира, тоа би бил првиот геопарк од ваков вид во земјава. Манастирот во Лесново, природните пештери и уникатните пејзажи нудат можност за развој на туризмот и локалната економија.
- Тука се вулканските „бомби“, пештерите во самиот лесновски кратер во близина на манастирот. Има многу содржини од геолошки аспект кои сите заинтересирани ќе можат да дојдат и да ги видат, а ние како регион ќе се гордееме со тоа, додаде Тоневски
Очекувањата се дека со понатамошна поддршка и инвестиции, овој дел од земјата ќе прерасне во значајна туристичка и едукативна дестинација, која ќе го афирмира природното наследство на Македонија и надвор од нејзините граници.
-

Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар
