Интерпелација за министерот Никола Димитров во Собранието
Собранието на Република Македонија на денешната 13. седница ја почне расправата за интерпелацијата за работата на министерот за надворешни работи Никола Димитров, поднесена од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ.
Пратеникот Антониот Милошоски, образложувајќи ја интерпелацијата, рече дека Никола Димитров како министер за надворешни работи потпиша договор со соседна Република Бугарија којшто за Софија е многу поволен, но за Република Македонија е штетен.
- Никола Димитров како министер за надворешни работи по однос на евроинтеграциите пред Комисијата за надворешна политика промовираше принцип на инклузивност каде што власта и опозицијата ќе работат заедно, а на првата прилика каде што можеше да ја покаже таа инклузивност без ниеден законски основ го отстрани Александар Николовски кој ги помина сите процедури да биде амбасадор на Република Македонија во ЕУ, рече Милошоски.
По однос на регионалната соработка, како што истакна, има тврдења од министерот Димитров дека позицијата на Република Македонија се подобрува во однос со соседите и регионално.
- Најдобриот одговор на ова прашање го дава средбата одржана на 13 јули во Солун, каде што претседателот на Србија и министерот за надворешни работи на Србија, премиерот на Грција и министерот за надворешни работи, премиерот на Бугарија и министерката за надворешни работи имаа трилатерална средба на која што разговараа за регионот, меѓу другото разговараа и за Македонија, а Македонија не беше присутна, нагласи Милошоски.
Во контекст на тоа додаде дека на трилатерална средба разговарале за евроинтеграциите, а Македонија не беше присутна. Третата работа, како што истакна, е немање јасен и конкоретне став по однос на темата за мигранти.
- Темата за мигранти е една од најактуелните теми во Германија, во Унгарија, во Полска, во Србија, во Турција, во Грција, во Италија. Имаме добри информации дека од Република Македонија се барало и се бара од Србија од Хрватска од Унгарија, од Словенија се барало и се барада ги зголемат своите капацитети за прием населување, социјални права по однос на темата мигранти, нагласи Милошоски.
Тој рече дека идеологијата на министерот Димитров е кариеризмот. - Видете ја неговата биографија и ќе видите дека кариерата секогаш била првиот приоритет во неговата идеологија, без ралзика кој е на власт дали Љубчо Георгиевски, Бранко Црвенковски, Никола Груевски или Зоран Заев, нагласи Милошоски.
Шефот на дипломатијата Никола Димитров, во одговорот за поднесената интерпелација рече дека е изненаден што е поднесена пред истекот на 100-те дена од изборот на Владата, поточно на 71. ден откако ја презел функцијата министер за надворешни работи и покрај тоа што и претходно само на 34. ден од неговото назначување на 4 јули на покана од претседателот на Комисијата за надворешна политика на Собранието реферирал за неговата работа во првите 30 дена.
- Но, од друга страна, можеби е разбирлива ваквата возбуда кај подносителите зошто, сепак, после многу години стагнација и назадување вратите се отвораат и нешто ново и позитивно се случува за РМ, нешто што конечно отвора нови можности и реални перспективи за една поинаква европска иднина, рече Димитров.
Од 1 јуни па до денеска, како што посочи, интензивно ги спроведуваме зацртаните приоритети во делот на надворешната политика врз основа на Планот 3-6-9. За стоте дена во период на летни одмори, како што нагласи Димитров, остварил 27 посети во странство.
- Бев во соседството, бев во Германија, во Австрија, Холандија, Белгија, Шведска, Финска, Данска и Норвешка. Се сретнав со колегите од Франција и од Италија. За 100 дена имав средби со 37 министри за надворешни работи и над стотина други странски претставници. Имав над 30 интервјуа за меѓународни медиуми, додаде Димитров.
Потсетувајќи на самитот на Западен Балкан во Трст, рече дека, во рамките на Берлинскиот процес поддржан од ЕУ, беше препознат нашиот скорешен придонес за менување на традиционалните перцепции за регионот како генератор на кризи, создавање услови за негова одржлива стабилност и развој и унапредување на општиот квалитет на живот на сите граѓани.
- Начинот и брзината со која ја надминавме напнатоста и добрососедските односи со пријателска Србија ги вративме на нормален колосек сведочат за посветеноста и капацитетот на оваа Влада и ова Министерство што беше препознаено од нашите меѓународни партнери. Гледаме перспектива во продлабочување на нашите врски со Србија, како впрочем и со сите други соседи, покрај другото, препознавајќи го заедничкиот бенефит од интеграцијата во ЕУ, посочи Димитров.
Според него, потпишувањето на договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Македонија и Бугарија покажа дека таму каде што има политичка волја и идеја за прогрес прашањата се решаваат. - Со договорот се заштитени нашите клучни национални интереси, се создава нова клима на доверба во односите со Бугарија и се отворат конкретни перспективи за наше забрзано целосно европско и евроатлантско интегрирање. Начинот на кој договорот беше усогласен без инволвирање од двете страни за што заслуга подеднакво имаат и двете држави не случајно е оценет како инспирација за надминување на отворените прашања и модел за соработка на целиот Балкан. Тоа е така зошто оваа Влада се определи да води политика и на изнаоѓање решенија, а не на нерешавање на проблемите, додаде Димитров.
Нагласи дека Договорот не е идеален и праша, дали има идеални договори и каква е алтернативата, и дали воопшто има алтернативи? - Нема покатастрофална геополитичка ситуација за Македонија ако имаме отворени прашања со двата соседа со коишто делиме граници членки на ЕУ, истакна министерот Димитров.
Најави продолжување и засилување на позитивната клима во меѓусебните односи.
Унапредувањето на односите со Грција, како што посочи, е од стратешки интерес за Македонија. - Не се работи за моја лична перцепција или проценка, туку факт заснован врз видливи аргументи и показатели. Грција е наш клучен сосед од многу аспекти и во економско-финансиска смисла и во однос на комуникацијата меѓу граѓаните на двете земји и во однос на справувањето со безбедносните закани и предизвици, додаде Димитров.
Говорејќи за спорот околу името, рече дека е долготрајно и комплесно прашање кое бара соодветен и сеопфатен приод.
- Но, не можеме да го негираме и игнорираме. Оттаму, одговорот за вашата загриженост за наводна нетранспарентност се наметнува сам по себе, истакна Димитров.
Расправата по интерпелацијата за министерот Димитров ќе продолжи по паузата. На дневен ред на 13. седница се и интерпелациите за работењето на министрите за земјоделство, шумарство и водостопанство и за труд и социјална политика Љупчо Николовски и Мила Царовска.
Ново на Сител
-
Во петок дожд и снег на планините, за викендот стабилно и студено време
-
На посиромашните земји им требаат трилион долари годишно до 2030 година поради климатските промени
-
Пронајден кокаин, марихуана и две дигитални ваги кај 26 годишна девојка во Аеродром
-
Отишле на лов па го застрелал од пушка за која немал дозвола, уапсен 54 годишник во Штип
-
Андоновски: Корупцијата не смее да ја загрози дигиталната безбедност
-
По четири дена изгаснат е пожарот на планината Беласица
-
Раде Штекли повреден по експлозијата на бомба во Керамидница
-
Фрлена бомба во двор во Керамидница, едно лице повредено