Македонија
24. November 2022 - 17:36

Историската комисија на нова средба, бугарскиот клуб во Охрид причина за нови напади од Софија

Пристигнаа на состанок во Скопје во напната атмосфера. Но, таа нема да се пренесе на нашата работа, велат бугарските историчари за новата, последна средба за оваа година на Мешовитата историска комисија.

Сепак, осудата за последниот инцидент со бугарскиот клуб “Цар Борис Трети” во Охрид не изостана. Копретседателот Димитров пред почетокот на состанокот го нарече брутален акт, осврнувајќи се и на агендата и очекувањата за средбата со македонските историчари.

Веднаш по пријавата дека со огнено оружје е оштетено стаклото на клубот, македонското МНР синоќа излезе со реакција, повикувајќи на брзо пронаоѓање и санкционирање на сторителите.

"Најстрого го осудуваме вандалскиот чин што се случил вечерва, 23 ноември, при што меѓу другото со употреба на оружје се оштетени надворешните стакла на граѓанскиот клуб во Охрид. Особено загрижува фактот што овие вандалски активности се повторуваат во многу краток период, имајќи предвид дека пред само неколку дена, на 20 ноември, бевме сведоци на уште еден вандалски чин кога беше оштетен излогот на клубот. Ваквите настани се целосно неприфатливи, можат да загрозат човечки животи, и ги засилуваат ретроградните процеси кои се во спротивност со европските интеграции на земјава", наведуваат од македонското МНР.

Бугарското МНР не прифаќа делото да се карактеризира како вандалски чин, протестна нота ќе биде испратена преку македонската амбасадорка Агнеса Руси Поповска, а известена е и Европската Унија.

Незадоволен е и бугарскиот претседател Радев.

Инаку македонските и бугарските историчари денеска и утре ќе се обидат да дојдат до договор за учебниците по историја во двата образовни система, откако не беше постигнат напредок на изминатите средби по ова прашање.