Македонија
7. јуни 2021 - 13:51

Истражување на УНИЦЕФ: 80% од родителите високо ја оценија онлајн наставата

Наставата е поорганизирана и подобро спроведена во учебната 2020/2021 година споредено со последните три месеци (март-јуни) од минатата 2019/2020 година кога, со почетокот на пандемијата, образовниот процес беше втурнат во нови услови и начини на реализација. Тоа го покажува истражувањето „Искуствата и ставовите на директорите на училиштата, наставниците и родителите во врска со учењето на далечина“ било спроведено од мај до декември 2020.

Спроведено е од Министерството за образование и наука, Бирото за развој на образованието и УНИЦЕФ со финансиска поддршка од Владата на Обединетото Кралство и во соработка со истражувачкиот тим на Реактор-истражување во акција. Било спроведено во две фази – во првата со над 10 000 испитаници, а во втората фаза опфатени речиси 5000 (директори, наставници, родители и ученици).

Наодите покажуваат поголемо задоволство од спроведувањето на наставата на далечина и на наставата со физичко присуство од сите засегнати страни. За разлика од лани, сега е висок процентот на наставници и ученици кои одговориле дека наставата на далечина се реализира според распоред, а не хаотично (кај наставници – лани 60 отсто рекле дека се реализираа според распоред на часови, а сега 99 проценти, а кај ученици – лани само 23 отсто, а сега 100 отсто).

Двојно е намален процентот на родители кои сметаат дека учењето на далечина не е ефективно – минатата година 49 отсто, а оваа учебна година 26 отсто имаат таков став. Речиси половина од родителите чии деца имале настава на далечина (48 отсто) ја оцениле одлично работата на наставниците, а 26 отсто со оценка многу добро.

Најупотребувана платформа (93 отсто) е Мајкрософт тимс, додека Едуино повеќе се користи во основното образование. Надолен процент бележи но и натаму  се користи како метод за проверката на знаење домашните задачи да се  сликаат и праќаат кај наставникот.

Од сите испитаници има висок процент со став дека се намалени тешкотиите спомнати минатата година во настава на далечина – се намалува проблемот со ИТ-уреди – им се обезбедуваат или им се печатат материјали на тие што ги немаат.  Мнозинството од испитаните ученици одговориле дека имаат стабилен интернет и сопствен компјутер.

Лани 77 отсто наставници во одреден момент не можеле да стапат во контакт со дел од ученици, а оваа година 60 отсто што, според истражувачите, може да упати дека некои ученици не го сфаќаат сериозно учењето од дома.

И во наставата со физичко присуство (во основните до трето одделение и во погорни одделенија – најчесто во подрачните училишта), според најголем број од родителите, децата не се соочувале со проблеми. Таа е позитивно оценета дури и во отежнати услови и реализација според протоколи.  За директорите, проблеми во физичка настава биле да се набави заштитна опрема, просторните можности и техничка опрема. За наставниците проблематично било двојниот фонд на часови.

Речиси 90 отсто наставници и во двата вида настава се грижеле за работата и во слободно време и во викенди за да ги завршат обврските. Одговориле дека  имаат мотив и ентузијазам, но на крај на денот се чувствуваат физички или емоционално исцрпени.  Во квалитативните наоди беше соопштено нарушување на приватноста – многу наставници во наставата на далечина се чувствуваат дека се проценувани од семејството на ученикот.

Како загуба во е-наставата беше потенцирано тоа што средношколците во прва година немаа можност да се запознаат и да ги остварат првичните врски и социјална интеракција.

Во наодите беше констатирано дека повеќе треба да бидат ангажирани стручните служби зашто родителите најчесто немаат контакт со нив за психосоцијална поддршка на учениците, која во овие услови е многу важна за нивното ментално здравје.

Министерката за образование и наука Мила Царовска во воведот на презентацијата рече дека и нашата земја како и сите во светот се соочи со предизвикот за брза реорганизација на наставата во услови на пандемија.

-Не беше лесно, но вложивме максимални напори да имаме успешна учебна година, што ни го потврдува и самото истражување. Наодите ни даваат прецизна слика за успешноста на учењето на далечина и каде треба да се фокусираме за да ги подобриме резултатите, рече Царовска.

Во воведното обраќање претставничката на УНИЦЕФ во земјава, Патриција ди Џовани, рече дека во претходниот период речиси половина од учениците не успеваа да научат, а дел од наставниците не успеваа да стапат во контакт со учениците, и затоа многу родители бараа да се отворат училиштата, но пандемијата тоа не го овозможи.

-Затоа МОН предложи комбиниран модел што бараше многу напори и координација, рече Ди Џовани, честитајќи им на наставници за прилагодливоста и флексибилност на новите околности во изминатата една и пол година.

Нагласи дека иако има подобрувања во учењето на далечина, приоритет треба да биде повторно отворање на училиштата на безбеден начин.

– Негативните ефекти од долготрајната затвореност на училиштата и натаму се огромни и потребно е да се приоретизира отворањето на училиштата и тогаш, веројатно, ќе видиме заостанување во постигнуањата. Ова истражување е придонес кон таа цел, рече претставничката на УНИЦЕФ во земјава.

Британската амбасадорка Рејчел Галовеј посочи дека пандемијата првпат сите не принуди да преминеме онлајн и од тоа се извлечени голем број поуки, вклучитено и образованието, зашто повеќето ученици учат на далечина.

-Како родител на деца на возраст во основното образование, доживеав што значи преминување онлајн, рече Галовеј, задоволна и од нивната поддршка заедно со УНИЦЕФ за образовната платформа Едуино со која, рече, се премости празнината со затворањето на училиштата. Порача дека сега треба да се согледаат кои се предизвиците од новиот начин на настава, за сите засегнати страни, за да се создаде подобра средина за учење.

Тања Иванова од партнерската организација во истражувањето – Реактор-истражување во акција, по презентацијата соопшти дека наодите се квалитативни и обезбедени преку дигитален прашалник, а нема и квантитативни увиди во искуствата на најмаргинализираните ученици. Податоците ја отлискуваат состојбата кај ученици и семејства што имаат пристап до интернет, рече таа, но бариерите за ранливите групи остануваат и во време на пандемија односно се уште поголеми.

– Останува отворено прашањето, дали сите овие подобрувања се во корелација со подобрување на квалитетот на наставата и совладувањето на лекциите од учениците. Затоа, додека се радуваме на успешниот завршеток на учебната година и подобрувањата во однос на минатата, да го искористиме летото за да се присетиме и на празнините што останале во знаењата и да размислиме како да ги поправиме оние работи со кои не сме успеале да се справиме соодветно. Од истражувањето се чини дека постои неминовна потреба од дијагностичко оценување за да се измерат празнините во наученото, порача Иванова од Реактор-истражување во акција.