Македонија
12. February 2016 - 20:41

Иванов-Пахор: Одличната координација околу бегалската криза да продолжи и во иднина

Македонскиот претседател Ѓорге Иванов попладнево на маргините на Минхенската безбедносна конференција оствари средба со претседателот на Република Словенија, Борут Пахор.

Двајцата соговорници, како што јави известувачот на МИА, разменија мислења и информации во однос на актуелната бегалска и мигрантска криза. Во тој контекст, претседателот Иванов го информираше за моменталните состојби на македонско-грчката граница.

Македонскиот претседател се заблагодари за испраќањето на словенечки полициски службеници на нашата јужна граница, и истакна дека Македонија е целосно транспарентна за активностите на нашите институции, како од безбедносен така и од хуманитарен аспект во справувањето со бегалската криза.

Двајцата претседатели се согласија за потребата од продолжување на одличната секојдневна координација и комуникација на македонските и словенечките институции околу сите аспекти на кризата.

Претседателот Пахор ја потврди цврстата словенечка поддршка за Македонија, како во справувањето со бегалската криза, така и за македонските аспирации за полноправно членство во ЕУ и НАТО.