Македонија
16. јуни 2020 - 12:50

Изборите договорени: Кампањата стартува на 24 јуни

По отстранување на пречките за одржување на изборите, по вчерашниот постигнат договор меѓу лидерите на двете најголеми партии во државава Зоран Заев и Христијан Мицкоски договорено е изборите да се одржат на 15 јули. 

Изборната кампања ќе започне на 24 јуни и ќе трае 20 дена.

По постигнатиот договор доцна синоќа претседателот на државата Стево Пендаровски ја продолжи вонредната состојба во траење од 8 дена.

Изборите ќе траат во текот на целиот ден со започнување во 7 и завршување во 21 часот.

Денот кога ќе се одржат изборите е среда, овој ден ќе биде прогласен за неработен.

На 13 јули ќе гласаат лицата кои се во изолација, самоизолација или пак некаков вид на карантин, за овие граѓани Владата ќе организира здравствени работници како избирачки одбор, кои ќе ги посетат заразените или изолираните граѓани.

Наредниот ден ќе биде резервиран за болните и изнемоштените лица.

Доцна синоќа собранискиот спикер Талат Џафери го потпиша решението за изведување и дополнување за распишување на решението за распишување на предвремените изброи за пратеници во Собранието на 15 јули и е испратено до ДИК.

Партиите излегоа со сопствени ставови во врска со изборите. Претпладнево на прес-конференција генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Николовски рече дека на 15 јули очекува граѓаните да излезат да гласаат и да го дадат гласот за СДСМ.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ велат дека СДСМ на изборите ќе биде поразена поради неспособноста.

За три дена, односно на 19 јуни во земјава пристигнува набљудувачкиот тим на мисијата на ОБСЕ/ОДИХР, кој ќе биде подготвен за работа од 22 јуни, изјави портпаролката на ОБСЕ/ОДИХР, Катја Андруш.