Македонија
13. August 2019 - 8:39

Изменетиот Закон за возила стапува во сила без целосно дефинирани критериуми

 Во сила стапи Законот за измени и дополнување на Законот за возила со кој се предвидува субвенционирање на граѓаните што ќе набават ново или половно возило со EURO 5 или повисоки еколошки стандарди, субвенции за вградување на плински или метанов уред во возилата со EURO 4 и понизок стандард и воведување на еколошки налепнции за возилата. Сепак, условите и критериумите за субвенции за набавка на возило се уште не се утврдени, а одредбата за еколошки налепници има одложено дејство и ќе стапи на сила по 12 месеци.

-Условите и критериумите за субвенција на возила ќе се одредат во Програма за субвенционирање која ќе биде донесена и објавена од страна на Владата. Во нив ќе се прецизира колку пари ќе се субвенционира за набавка на возило со EURO 5 стандард и повеќе, дали висината на субвенцијата ќе зависи од набавната цена и како ќе се утврдува за половни возила, како и дали ќе се субвенционираат и граѓаните кои сами ќе набават возило од странство, велат од Министерството за економија.

 

Според нив, откупот на старо возило ќе биде единствен услов за добивање субвенција за ново возило и се уште не е прецизирано дали субвенционирањето ќе биде по принципот „прв дојден, прв услужен“ или ќе добива секој без разлика колку ќе купат нови возила. Во моментов во соработка со другите министерства, посочуваат, се разгледува и дали субвенцијата ќе се добива откако претходно граѓанинот целосно ќе го плати новото возило или на некој друг начин.

Во законското решение се предвидени 170 милиони денари за субвенционирање на вградување на плински и метанов уред во возилата со EURO 4 стандард и помалку, како и за купување на половно или ново возило со повисоки еколошки стандарди по системот старо за ново. Првично овие средства беа предвидени за субвенционирање на набавка на нови хибридни и електрични возила, но со амандманите решението се преиначи. Сепак, оние што ќе купуваат хибридни и електрични возила ќе можат да користат субвенции од програмата старо за ново возило.

Лани во земјава биле регистрирани 477.350 возила, од кои околу 60 отсто се дизел автомобили. Од нив 90 отсто се постари од 10 години.

 

Бектеши: Ќе се субвенционира и набавка на полвни возила со EURO 5 или повисок стандард

Министерот за економија Крешник Бектеши во интервју за ТВ Алсат најави дека се предвидува да се субвенионира и набавка на половни возила со EURO 5 и повисок стандард од салоните на импортерите на половни возила по принциопот старо за нова, а единствен услов за тоа е да се одјави претходното возило.

Тој неодамна ги презентираше измените во Законот за возила и посочи дека се плод на барањата на граѓаните за намалување на загадување на воздухот од страна на возилата и се однесуваат за две важни подрачја, сообраќајот и екологијата. Прецизира дека субвенционирањето се очекува да почне од наредната година, но додаде дека е можно да се случи и порано доколку се обезбедат средства со најавениот ребаланс на Буџетот.

 

Бектеши појасни дека со измените се воведуваат субвенции за вградување на уреди на течен нафтен гас (плин) или компримиран земјен гас односно метан, субвенции за купување на ново возило илиполовно возило што ги задоволува повисоките еколошки стандарди, ако претходно користеното се одјави. Се воведува и еколошка категоризација на возилата во зависност на стандардите кои ги исполнуваат. Тие доброволно ќе се одбележуваат со зелена, жолта и црвена налепница, а се воведуваат и жолти регистарски таблички за таксистите и унифицирана светлечка табла за такси возилата.

-Со мерката за субвенционирање на трошоци за вградување на уред за погон на ТНГ, метан или друг вид на алтернативно гориво во постоечките возила се предвидува да се субвенцинира 50 отсто од цената на трошоците за набавка и вградување на уредот, но не повеќе од 300 евра во денарска противвредност за возило и се предвидува да бидат опфатени над 1.200 возила на годишно ниво, рече тогаш Бектеши.

За мерката за субвенционирање на купување на ново лили половно возило со одјава на старо возило, додаде, се предвидуваат субвенции од две до три илјади евра во денарска противвредност, како и во првата година да се субвенционира набавката на 200 до 500 возила. За еколошката категоризација на возилата истакна дека ќе биде на доброволна база и ќе има три категории со различни бои на налепници. На барање на здруженијата за автотакси превоз се воведуваат жолти таблици за такси возилата, со цел да се препознаваат лиценцираните и регистрираните такси возила, и да се спречи нелојалната конкуренција.

 

Еколошката категоризација на возилата со одложено дејство од 12 месеци

Новиот Закон за возила предвидува доброволна еколошка категоризација на возилата со зелена, жолта и црвена еколошка налепница. Оваа одредба од законот има одложено дејство и ќе стапи на сила по 12 месеци. Ограничувањата за движење на возилата во периодот на зголемена загаденост на амбиенталниот воздух ќе ги одредува локалната самоуправа на одредени делови од градовите. Во деновите кога ќе има забрана за движење на возилата ќе може да сообраќаат само возилата со зелена еколошка маркица, но не и возилата кои имаат EURO 5 или повисок еколошки стандард што не се 3означени со еколошки маркици.

 

-Првата еколошка категорија ќе ги опфаќа возилата со ниво на емисија на издувни гасови EURO 5 и повисоко, како и возилата со EURO 4 и EURO 3 кај кои е вграден уред за погон на течен нафтен гас или на компримиран земјен гас, хибридните возила и електричните возила, но и возилата кои имаат вградена опрема што ја намалува емисијата на гасови во воздухот и ги достигнуваат стандардите на EURO 4, EURO 5 и повисоко. Втора еколошка категорија ќе ги опфаќа возилата со EURO 4 и EURO 3 стандард, а трета возилата со EURO 2 и понизок стандард, како и возилата за кои производителот нема дефинирано емисија на издувните гасови, информираше неодамна министерот за економија Крешник Бектеши.

Во новиот Закон за возила се вели дека зелена еколошка налепница ќе можат да добијат возилата што го исполнуваат стандардот EURO 5 и повеќе, но и возила со EURO 4 и EURO 3 стандард во кои е вграден плински или метанов уред, како и хибридните и електричните возила. Од категоризацијата се изземаат возилата на војската, полицијата, пожарната и брзата помош, како и возила во кои се возат лица со попреченост. Тие ќе можат да се движат и во зоните каде има забрана за движење поради загаденост на воздухот. Трошокот за еколошката налепница ќе биде на товар на граѓаните, а за издавање на погрешна еколошка маркичка предвидена е глоба од 250 евра во денарска противвредност за одговорното лице во техничката служба.

 

ССК не гледа потреба од субвенции за набавка на половно возило

Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК) го поздрави донесувањето на новиот Закон за возила со кој се предвидуваат субвенции за набавка на возила со повисоки еколошки стандарди, но не гледа потреба од субвенционирање на набавката на половни возила.

-Оваа мерка има два аспекта – социјален и еколошки. Веруваме дека треба да бидат запазени двата истовремено, но не ја гледаме потребата во делот за субвенционирање на половни возила. Сепак, сметаме дека треба да се задржи социјалниот аспект, но истовремено да се поткрепи со еколошкиот, односно да им се овозможи на граѓаните со субвенционирање и со обезбедување бескаматни кредити да можат да си дозволат да ги заменат старите возила со нови што нема да имаат импакт врз животната средина, вели претседателката на ССК Данела Арсовска.

 

Таа истакнува дека во светот имало вакви практики, но само за возила што не ја загадуваат или минимално ја загадуваат животната средина.

-До сега не сме имале пракса за субвенционирање половни возила, ниту во Европската Унија, ниту, пак,во поблиската околина и не знам дали можеби Министерството за економија има информации и конкретни примери каде е применето или спроведено такво нешто. Сепак, бидејќи мерката важи и за нови возила веруваме дека е добра, но сметаме дека нејзините крајни ефекти треба да ги опфатат светските практики за намалување на емисијата на штетни гасови во атмосферата. Тоа се постигнува само со мерки што се добро осмислени и долгорочни со кои возилата што загадуваат се исфрлаат надвор од сообраќајот, потенцира Арсовска.