Јаневска: Обезбедена психолошка поддршка за учениците
Министерката за образование и наука Весна Јаневска денеска на прес-конференција информираше дека по трагедијата во Кочани, Министерството во соработка со УНИЦЕФ, професори од Институтот за психологија при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Комората на психолози на Македонија и Црвениот крст, обезбедиле посилна психолошка поддршка за сите ученици во државата, која ќе биде особено изразена во неколку засегнати општини, од каде млади, во несреќата загубија браќа, сестри, другари и соученици.
Во пожар во дискотеката во Кочани во неделата рано наутро загинаа 59 лица, а над 190 беа повредени.
-Веднаш по трагичните настани беа подготвени и испратени насоки до училиштата, наставниците и родителите за постапување во следниот период, односно за давање прва психолошка помош и психосоцијална поддршка во оваа кризна состојба. Насоките се достапни на сите пет јазици на кои се изведува наставата, рече Јаневска.
Формирана е мрежа на 100 училишни психолози од Скопје, но и од други градови, кои ги насочуваме кон Кочани, Виница, Штип, Чешиново Облешево и околните места, за да ги поддржат во работата своите колеги во тамошните училишта, работејќи со учениците, со нивните родители, наставниците и воопшто со граѓаните, а постапувајќи по посебен протокол подготвен за кризна интервенција.
Во моментов 32 психолози веќе обезбедуваа директна поддршка на терен. Работеле со учениците, но и со семејствата кои изгубија деца во несреќата. Активни биле и во текот на вчерашниот ден.
-Останатите психолози денеска попладне ќе имаат специјализирана обука од страна на Комората на психолози, Бирото за развој на образованието и УНИЦЕФ, по што од понеделник и тие ќе бидат распределени по образовните установи и други институции во општините кои се најмногу засегнати, но и ширум земјата. Исто така, сакам да информирам дека на веб - страната на МОН веќе неколку дена има листа со телефонски контакти на 40 психолози, членови на Комората на психолози на Македонија, кои се постојано достапни за разговор, односно за психолошко советување. На листата се наоѓаат и наменски телефонски линии за прва психолошка помош на Црвениот крст кои се во функција 24/7, истакна Јаневска.
Министерката нагласи дека помош може да се побара и во центрите на Црвениот крст во секое време, како и во Центарот за ментално здравје во Кочани каде имало претставници на Универзитетска клиника за психијатрија. Во Штип на универзитетот Гоце Делчев има младинско советувалиште, каде престојуваа психолози од Скопје кои ги посетувале и младинските хабови.
-Знаеме дека бројот на стручни лица кои сакаат да помогнат во ситуацијата е голем. И секако, треба и ги охрабрувам да излезат во пресрет на потребите на учениците, на родителите и наставниците и доколку ценат дека има потреба, да се обратат до министерството и Комората на психолози од каде ќе добијат попрецизни насоки каде се најпотребни и како да дејствуваат. Комората ќе предолжи да организираме специјални обуки за постапување во кризни ситуации.Тие протоколи во дел веќе и се доставени. Се разбира, доколку во следниот период утврдиме потреба за засилена поддршка на населението, ќе ја обезбедиме. Ќе направиме се што можеме и ќе спроведеме се што е од интерес, првенствено на младите, но и воопшто на сите граѓани, подвлече министерката.
Таа изрази голема благодарност до УНИЦЕФ, до Комората на психолози, професорите од Институтот за психологија на УКИМ и Црвениот крст, како и до сите поединци кои несебично помагаат во ситуацијата.
-Сите сме потресени, но и сплотени во тагата. Мораме да останеме обединети и да покажеме солидарност, обезбедувајќи ја сета неопходна помош, изјави Јаневска.
На новинарско прашање, таа појасни дека стручните лица се фокусирани на училиштата во кои има жртви, но и во другите училишта, каде се наоѓаат блиски на починатите. Во секое училиште се наоѓа по еден психолог, тие ги таргетирале лицата со кои треба да работат. Работеле групно, но и поединечно.
-Системот функционира, подвлече министерката која уште еднаш изрази најдлабоко сочувство до семејствата на починатите во несреќата и поскоро закрепнување на повредените.
Ново на Сител
-
Комисијата за буџет на Бундестагот даде зелено светло за помош за Украина во вредност од три милијарди евра
-
Трамп најави производство на борбен авион од шестата генерација Ф-47
-
Зеленски најавува самит на „коалицијата на подготвените“ во Париз
-
Победникот на Светското клупско првенство ќе добие повеќе од 100 милиони долари
-
УЈП: Да се поднесат барања за обнова на кодовите за идентификација за потпишување на МПИН пресметките
-
Јандроковиќ: Сочувство од Сабор и народот на Хрватска за трагедијата во Кочани
-
Кривична против тројца штипјани, во зграда нападнале лице при што употребиле електрошок
-
ОЈО Куманово ги чека извештаите од извршените контроли за случајот со починатиот кумановец