Јапонија и САД потпишаа договор за ретки минерали

Американскиот претседател Доналд Трамп и јапонската премиерка Санае Такаичи потпишаа рамковен договор за обезбедување резерви на ретки минерали, објави денеска Белата куќа.
Спогодбата беше потпишана за време на посетата на Трамп на Јапонија, дел од неговата турнеја низ Азија, насочена кон зајакнување на синџирите на снабдување со материјали критични за обновливата енергија, електрониката и автомобилската индустрија.
Според соопштението на Белата куќа, САД и Јапонија планираат заеднички да инвестираат и да користат економски инструменти за развој на диверзифициран и фер пазар за ретки минерали.
Трамп ќе се сретне и со кинескиот претседател Си Џинпинг за време на неговата посета на Азија.
Портпаролката на Белата куќа, Каролин Левит, изјави дека јапонската премиерка Такаичи ќе го номинира Трамп за Нобелова награда за мир по нивната средба во Токио.
- За толку кратко време, светот почна да ужива во повеќе мир, изјави Такаичи за новинарите.
За време на средбата, Трамп и рече на Такаичи дека САД и Јапонија ќе имаат „фантастичен однос“.
„Отсекогаш сум имал големо почитување кон Јапонија и ова ќе биде однос посилен од кога било“, рече американскиот претседател.
На средбата во палатата Акасака, на Трамп му беше подарена палка за голф што му припаѓаше на покојниот премиер Шинзо Абе, симболичен потсетник на личното пријателство меѓу двајцата лидери, објавија медиумите.
Аналитичарите велат дека Такаичи, која беше блиска соработничка на Абе, се стреми да ги обнови односите со Вашингтон и да ја зајакне сопствената политичка позиција.
За време на работниот ручек, на Трамп и неговата делегација им беа послужени американски ориз и говедско месо подготвени со јапонски состојки, додека Такаичи презентираше мапа на јапонските инвестиции во САД.
Двајцата лидери разговараа за завршување на војната во Украина и заедничките напори за обезбедување ретки минерали.
МИА
Ново на Сител
-

„Оне Македонија телекомуникации“ формално стана трет мобилен оператор
-

Стопанската комора даде поддршка на Усје - од компанијата велат нема основ за нивна дислокација
-

Преглед на вестите од светот
-

Законот за прекршоци пред пратениците
-

Вработените во Пошта протестираат оти им доцни платата, директорот вели денеска ќе биде исплатена
-

Обоистката на МОБ Петрушевска обвинува дека е незаконски суспендирана
-

Преку промоција на културата до повеќе посетители
-

Кадровско засилување на кочанската општа болница
