Македонија
12. July 2022 - 17:34

ЈП „Чистота и Зеленило“ Куманово ќе ги зголеми цените за изнесување смет

ЈП „Чистота и Зеленило“ Куманово ќе ги зголеми цените за изнесување на смет, одлучија денеска советниците. Граѓаните од градежниот опфат во наредните сметки ќе добијат зголемени цени од три на четири и пол денари (3 на 4, 5денари ) за метар квадратен, жителите во приградските населби од 2 на 3 денари, а правните субјекти од 10 на 12, 5 денари повисока цена за метар квадратен. Директорот на „Чистота и Зеленило“, Даниел Стојчевски пред советниците образложи дека зголемувањето се должи на зголемените трошоци за гориво, електрична енергија, зголемување на платата кај вработените и нагласи дека ова е непопуларна мерка, но, оти е доведено во прашање функционирањето на претпријатието.

– Покачување на цените во ЈП се условени од цените во државата и да имаме квалитетна услуга, нормално е да се носиме со тоа. Пред четири месеци, не по барање на ЈП беше покачена минималната плата. Луѓето коментираат седат во администрација и земаат плата, но од 350 вработени во ЈП, вклучувајќи ме мене има 39 административни службеници, претежно или 80 проценти се општи работници и работат општа дејност. Покачувањето на нафтата во март беше енормно, и ако сме плаќале 700-800 илјади денари нафта, сега плаќаме 1,5 милиони денари и останатите трошоци, резервни делови, гуми, канцелариски материјал, цените се удвоени веќе. Имаме сметки по 700 илјади за струја, не е зголемена потрошувачката, туку цената, за да имаме рентабилно работење и нормално функционирање на ЈП иако никој не го сака тоа, ние сме принудени да извршиме покачување на цена на услуга, рече Стојчевски.

Советниците од опозицијата реагираа дека ова мерка ќе ги погоди граѓаните, оти ќе ги оптовари и семејните буџети и дека граѓаните нема да добијат поквалитетна услуга.

Покрај цените за изнесување на смет, зголемени се цените и за користење на базенот, со кој менаџира „Чистота и зеленило“. Со новата одлука цена за дневна карта е зголемена од 100 на 150 денари, за физички лица, а зголемена е цената и за клубовите.