Здравје
6. November 2020 - 11:42

Каде најмногу се пренесува коронавирусот?

Германскиот Институт „Роберт Кох“ (РКИ) спроведе анализа според која од 27 октомври најголем број од заболените со Ковид-19 се заразиле на приватни собири.

„Домаќинствата се најчестите места за зараза. Исто така, голема и моментално растечка област на ширење на вирусот се домовите за стари лица, а потоа работните места. Стапката на инфекција е многу помалку поврзана со слободното време кое е тешко погодено од заклучувањето“, пренесуваат германските медиуми.

Бројот на инфекции во областа на медицината, на пример во болници, клиники или операции, е релативно мал, но тој број во последно време значително расте. Слично е со училиштата, градинките или домовите за бегалци. Рестораните, хотелите и пансионите имаат многу мал удел во бројот на заболени во Германија, а во исто време тие се најтешко погодени од новите мерки.

Според Институтот, ризикот од инфекција во јавниот превоз се чини дека е уште помал. Но, тоа може да се должи и на остриот пад на бројот на патници во автобусите и возовите во Германија.

Берлинскиот Институт наведува дека има разлика во местата каде што најмногу се шири вирусот во првиот и во вториот бран на пандемијата.

Среде првиот бран на пандемијата во Германија, домовите за стари лица и домовите за нега на немоќни лица беа поголем извор на инфекција од приватните домаќинства. И медицинскиот сектор, особено болниците, и домовите за бегалци биле многу почести места на инфекција отколку што се сега.

Училиштата и градинките речиси и да немаа никаква улога во пандемијата во текот на пролетта затоа што тие беа затворени во тоа време.

За жал, податоците на Институтот во моментот се прилично нецелосни. Статистичките податоци од берлинскиот институт бележат само пријавени случаи со две или повеќе меѓусебно поврзани инфекции. РКИ, исто така, признава: „Приближно само една четвртина од вкупно пријавените случаи на ковид-19 спаѓаат во оваа категорија“.

На прашањето на „Дојче веле“ за преостанатите 75% од случаите во Германија, РКИ признава: „Всушност, немаме повеќе податоци“.

Ова значи дека за три четвртини од заболените во Германија не се знае од каде го добиле вирусот. Од една страна, ова се должи на комплексноста на сигурно утврдување каде се појавила инфекцијата, бидејќи некои луѓе остануваат асимптоматски неколку дена пред да се појават симптомите. Утврдувањето на изворот на инфекцијата и контактот тогаш е скоро невозможно.

Од друга страна, недостатокот на сигурни и целосни информации отежнува да се одговори прецизно на пандемијата – и не само во Германија, туку во целиот свет.

Но, податоците од други земји покажуваат слични трендови како во Германија. Студиите во Јужна Кореја, исто така, ги идентификуваат приватните домаќинства како место каде најмногу се шири вирусот, каде што едно лице има шест пати поголема веројатност да биде заразено отколку на друго место. И едно кинеско истражување проценува дека 69 отсто од заболените го добиле вирусот во приватните домаќинства.