Живот
3. February 2021 - 19:06

Кинески научници предупредуваат на долгорочни последици од Ковид-19 врз плодноста кај мажите

Истражувачи од Универзитетот за наука и технологија Хуажонг во Вухан повикуваат на итно истражување за долгорочните ефекти од заразата со Ковид-19 врз плодноста кај мажите, поради бројни докази за намалена подвижност на сперматозоидите, помал број на сперматозоиди и оштетување на тестисите, и велат дека вирусот се заканува да го уништи човештвото и откако ќе заврши пандемијата.

– Сметаме дека е потребно итно следење на состојбата кај машки пациенти заразени со коронавирус за време на закрепнувањето, велат микробиологот Ју Тијан и репродуктивниот биолог Ли-куан Жоу.

САРС-КоВ-2, вирусот што ја предизвикува болеста Ковид-19, влегува во човечкото тело преку ензим кој е присутен во голем број витални органи, вклучувајќи ги белите дробови, срцето, бубрезите и цревата. Ова ги остава подложни на значителни оштетувања, бидејќи вирусот таму се населува и почнува неконтролирано да се размножува.

Рецепторот на ензимот се наоѓа во респираторниот, дигестивниот, циркулаторниот, невролошкиот и потенцијално дури и во машкиот репродуктивен систем. Прелиминарните студии утврдија присуство на вирусот во примероци на сперма од пациенти со Ковид-19.

Истражувачи од германски и ирански универзитети известуваат за директни докази за оштетување на тестисите по зараза со коронавирусот. Тие откриле маркери на воспаление во примероци од ткиво на 84 пациенти со Ковид-19 од вкупно 189 примероци.

Тимовите го тестирале квалитетот на спермата и барале знаци на оксидативен стрес кај пациентите. Откриле дека воспалението и клеточниот стрес се двојно посилни кај пациенти со Ковид-19 од контролната група.

Загрижувачки е што сперматозоидите на заразените пациенти се три пати побавни, а бројот на сперматозоиди исто така бил драматично помал.

– Овие ефекти врз клетките на спермата се поврзани со понизок квалитет на сперматозоидите и намален потенцијал на плодност, изјави шефот на тимот Бехзад Хаџизаде Малеки.

– Иако овие ефекти покажаа тенденција да се подобрат со текот на времето, тие останаа значително зголемени кај пациенти со корона, а обемот на овие промени е исто така поврзан со тежината на болеста, додаде тој.