Македонија
13. August 2017 - 10:19

Концерт на пијано со Лилја Зиберштајн и претставата „Јами дистрикт – најстарата нација на светот“ вечерва на „Охридско лето“

Триесет и третиот фестивалски ден на „Охридско лето“ носи две интересни содржини, концерт на пијано со маестро Лилја Зилберштајн за љубителите на класичната музика, како и театарската претстава „Јами идстрикт – најстарата нациија во светот за вљубениците во драмската уметност.

Во катедралната црква „Света Софија“ од 20:30 часот соло концерт на пијано ќе одржи уметничката Зилберштајн, чии меѓународни успеси започнуваат во 1987 година кога победува на интернационалниот натпревар „Бузони“ во Болцано. Нејзината победа претставува вистинска сензација, а поминуваат пет години пред оваа награда повторно да му биде доделена на некој пијанист. Концертните турнеи ја водат насекаде низ светот, и тоа низ повеќето европски земји, во Мексико, Јапонија, Кореја, Канада и Бразил. Зилберштајн го започнува музичкото образование на пет годишна возраст, а по 12 години поминати во класата на Ада Трауб во специјализираното музичко училиште „Гнесин“, таа станува дел од класата на Александар Сатц во Институтот „Гнесин“ во Москва, каде дипломира во 1988 година.  Во 1991 година дебитира со Берлинската филхармонија, под диригентската палка на Клаудио Абадо со кој често ќе соработува низ годините. Настапува со некои од најзначајните светски оркестри како симфонискиот оркестар во Чикаго, оркестарот на Миланската „Скала“, симфонискиот оркестар „Чајковски“ во Москва, Лондонскиот симфониски оркестар, како и Кралската филхармонија, оркестарот на државната капела во Дрезден и многу други. Соработувала со светски познатите диригенти Џон Акселрод, Пааво Берглунд, Семјон Бичков, Густаво Дудамел, Кристоф Ешенбах, Леополд Хагер, Дмитри Китајенко, Марчело Виоти и Ентони Вит.  Во август 1998 год. и е доделена наградата од страна на Музичката академија „Чигиана“ во Сиена, признание со кое пред неа се закитиле  Гидон Кремер, Ан- Софи Мутер и Кристијан Цимерман.

Лилја Зилберштајн има снимено осум  ЦД-а за „Дојче Грамофон“ на кои се поместени рецитали и концерти за пијано и оркестар. Неодамна таа издаде уште неколку ЦД-а меѓу кои и она со сонатата за две пијана од Јоханес Брамс каде свири заедно со Марта Аргерич, со која често соработува. Оваа година настапите ја водат во концертните сали во Кина и Тајван, во САД и Јужна Америка, а повторно ќе настапи на Велигденскиот фестивал во Салцбург и во Виенскиот „Музикферајн“. 

Таа често е член на жири-комисии на повеќе значајни натпревари за пијано. Голем дел од нејзиното време е посветено на едукација на млади музичари, а од 2015 година е професор на Универзитетот за музика Виена, наследувајќи ги класите на Паул Бадура Скода и Олег Мајсенберг.

На програмата на концертот се избрани дела за пијано на Шуберт и Лист.

 

Во Центарот за култура „Григор Прличев“ од 21 часот ќе се игра театарската претстава „Јами дистрикт – најстарата нација на светот“, копродукциска поставка на Тиватскиот центар за култура „Битеф“  театарот од Белград, „Тинк Танк Студио“ од Нови Сад и Фестивалот „Маск“ од Сегедин.

Претставата на авторката Милена Богавац режисерот Кокан Младеновиќ ја поставува во форма на лажен документарец, базиран врз измислен, но можен настан. Дејството се одвива во селото Јемен, на тромеѓето меѓу Србија, Хрватска и Босна и Херцеговина каде научниците ја откриле најстарaта палеолитска населба во историјата на човештвото. Откритието е значајно бидејќи ги поместува научните сознанија за почетоците и развитокот на човечкиот вид стотици илјади години наназад.

Револуционерно откритие е од значење за целото човештво, но за него особено се интересираат Србите, Хрватите и Бошњаците бидејќи праисторискиот Јамен се наоѓа на територијата на сите три држави. Бидејќи секоја држава сака да го присоедини, започнуваат низа апсурдни теории за тоа кој народ е постар и на кого му припаѓа тоа место...

Улогите во претставата ги толкуваат Исидора Симијоновиќ, Нина Нешковиќ, Јелена Граовац.