Македонија
6. October 2015 - 10:31

Конкурс за доделување на „Ноемвриска награда“ за Денот на ослободувањето на Куманово

Советот на општина Куманово денеска го распиша традиционалниот конкурс за доделување на највисокото општинско признание „Ноемвриска награда“, кое се доделува во чест на Денот на ослободување на градот, 11. Ноември.
 
„Ноемвриската награда“, потенцираат од Комисијата за одбележување празници, се доделува на поединци, претпријатија и други организации, установи, здруженија и заедници,  чие дело, резултати во работењето претставуваат посебно остварување во сите области, во текот на едногодишен и повеќегодишен период. Делото односно постигнувањата да бидат достапни на јавноста до 11. Октомври годинава, а авторот на делото треба да е жител на Општината Куманово, организацијата или заедницата да се од општината односно делото и постигнувањата тематски треба да се врзани за Куманово.  
 
Предлозите за доделување на „Ноемвриската награда“ со образложение во писмена форма, информираа денеска надлежните треба да се достават до Комисијата за одбележување на празници и манифестации, најдоцна до 31. октомври годинава. Право на предлагање на кандидати за наградата, соопштија од Комисијата за одбележување на празници, имаат претпријатија, установи, здруженија, месните заедници, група граѓани и поединци.