Македонија
30. August 2019 - 13:26

Конзулов: Пожарот кај Радовиш се очекува до утре да биде ставен под контрола

Запрено е проширувањето на пожарот од планината Готен кон Струмичко, кој гори повеќе од десетина дена меѓу селата Покрајчево и Злеово во општина Радовиш, а во текот на утрешниот ден се очекува да биде ставен под контрола, информира градоначалникот на Радовиш, Герасим Конзулов.

Во гаснењето на пожарот се ангажирани два хеликоптери на Армијата, а учествуваат и 120 пожарникари од Радовиш, Струмица, Берово, Валандово и Штип.

-Пожарот е голем, а гаснењето оди тешко заради непристапниот терен. Во заедничка и координирана акција со Дирекцијата за заштита и спасување се надевам дека утре пожарот ќе биде ставен под контрола, рече градоначалникот Конзулов.

Досега во пожарот изгореа околу 200 хектари нискостеблеста шума.