Македонија
7. April 2020 - 8:36

Коронавирус потврден кај 570 луѓе од 18 градови, од утре нови мерки за ограничено движење

Потврден коронавирус има кај 570 луѓе во земјава, од кои 239 се од Скопје. По поминати 24 часа, до вчера во 15 часот беше соопштено за 15 новодијагностицирани и за тројца починати. На Инфективната клиника починаа 40-годишен жител на Кочани и двајца тетовци – на 69 и на 65 години. За спречување на ширењето на заразата, Владата ги заостри мерките за ограничено движење – од утре полицискиот час ќе биде од 16 до 5 часот во работни денови и целодневен во сабота и недела.

Со вчерашниот ден, на Инфективната клиника се хоспитализирани 70 пациенти – десет имаат потешка клиничка слика, осум се на механичка вентилација, a во ГОБ „8 Септември“ двајца се на респираторни машини, соопшти министерот за здравство Венко Филипче на редовната прес-конференција вчера попладне,  Инфективната клиника вчера ја напуштиле четворица пациенти, кај кои два контролни теста на коронавирус биле негативни. Оздравени од инфекцијата се и тројца пациенти од Дебар кои беа на домашно лекување и под надзор на локалната болница.

Досега коронавирусот е регистриран кај жители од 18 градови: Скопје, Куманово, Дебар, Штип, Прилеп, Тетово, Струга, Велес, Битола, Охрид, Кавадарци, Гостивар, Гевгелија, Струмица, Крива Паланка, Радовиш, Крушево и Кочани.

Болницата во Битола станува регионален центар, така што таму се пренесуваат инфицираните со КОВИД-19 што беа хоспитализирани во Охрид, а сите тие се од околината на Струга. Во болницата во Штип, пак, има четворица од кои тројца, како што соопшти министерот, се со лесна клиничка слика и во стабилна здравствена состојба.

Според статистиката на Институтот за јавно здравје, кај 18 деца до деветгодишна возраст е потврден коронавирусот и сите имаат лесна клиничката слика и без потреба од подолга хоспитализација.

По смртта на помлад пациент вчера, 40-годишниот граѓанин на Кочани кај кого претходно не биле познати други заболувања, министерот Филипче рече дека иако повозрасните граѓани се повеќе подложни на вирусот, не е исклучена тешка клиничка форма и кај помладите пациенти и дека освен белите дробови, КОВИД-19 ги напаѓа сите органи и органски системи.

Одговарајќи на новинарски прашања, министерот соопшти дека на Гинеколошко-акушерската клиника се тестираат сите кои имаат симптоми на коронавирусот и дека е направена целосно изолирана патека за родилките кои се позитивни.

За излекувани од заразата се сметаат луѓето кои имаат два негативни теста на коронавирус. Овој  алгоритам, покрај за хоспитализираните, важи и за пациентите на домашно лекување кои се во постојана комуникација со матичните лекари.

Епидемиолозите препорачуваат лицата кои дошле од странство покрај 14-дневниот државен карантин дополнително да поминат уште 14 дена во самоизолација кога ќе се вратат дома затоа што државниот карантин го поминале во колективни центри.

Препораката ја соопшти премиерот Оливер Спасовски кој на заедничката прес-конференција со министерот Филипче ги соопшти новите засилени мерки за ограничено движење и подолготраен полициски час. Тие се воведуваат поради тоа што заразата се шири, граѓаните не ги почитуваат доследно досегашните мерки, има случаи на неодговорно однесување и со оглед на тоа што времето се затоплува и претстојат верски празници.

-Одговорноста на граѓаните не беше на висина на задачата којашто ја имаше секој од нас и многу лесно се преминува преку препораките кои ги даваат стручните лица и затоа ги донесовме и овие мерки за забрана на движењето, односно за зголемено времетраење на полицискиот час,  истакна Спасовски.

Новите мерки ќе почнат да важат од утре, 8 април 2020, за целата територија на државата. Полицискиот час наместо во 21 часот ќе почнува во 16 и ќе завршува во 5 часот во работните денови, а во деновите од викенд (сабота и недела) ќе има целодневен полициски час за сите граѓани, односно од 16 часот во петок до 5 часот во понеделник.

Лицата над 67-годишна возраст од утре ќе може да  се движат надвор само од 10 до 12 часот од понеделник до петок, а младите до 18 години во работни денови ќе може да излезат од дома само од 13 до 15 часот.

На јавни места се забранува да се движат  повеќе од двајца граѓани  во групи, освен ако се работи за родител со свои деца кои имаат до 14 години. За земјоделските активности, дозволено е движење во територијата на селата и тоа само за работни потреби.

Аптеките ќе работат непречено, а Министерството за здравство ќе изработи план за непречена работа и на здравствените установи. Исклучоци од забраната за движење важат за полицијата, армијата, здравствените работници ( ЈЗУ, ПЗУ  и матичните лекари), како и за маркетите и рестораните кои се доставувачи на производи.

Премиерот Спасовски истакна дека мерките се донесуваат по препорака на Комисијата за заразни болести, Главниот кризен штаб и Светската здравствена организација и дека највисок и постојан приоритет е заштитата на граѓаните и колективното здравје.

-Според експертите, во наредните две до три недели ќе го достигнеме пикот на бројот на заразени од коронавирусот, кој најверојатно ќе биде помеѓу 2000 и 2500 потврдени случаи. Фазата во која влегуваме е веројатно фаза во која ги очекуваме најголемите предизвици. Ова е нова радикална фаза и за стабилноста на здравствениот систем, заштитата на здравствените работници, за индивидуалното и колективното здравје, за економијата  и за одржливоста на социјалниот и општествен контекст, истакна премиерот.

Апелираше велигденските и рамазанските празници граѓаните-верници оваа година да ги поминат дома за да се сведат на минимум физичките контакти.

Спасовски посочи и дека Владата врз основа на сите анализи развива стратегии и сценарија што значат и краткорочно и долгорочно планирање. Траењето на пандемијата, рече, не може да се предвиди, но може да се скрати и да резултира со позитивни ефекти со дисциплинирано однесување и со почитување на сите донесени мерки.