Македонија
19. April 2023 - 13:05

Ковачевски: Не правевме скулптури на бикови и шмизли, туку изградивме зграда за 312 семејства

Премиерот Димитар Ковачевски денеска заедно со министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, со заменикот министер за транспорт и врски, Беким Реџепи, со директорот на Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен простор и со деловен простор од значење за Републиката, Зоран Ѓоргијев, беше во општината Бутел, каде што се довршува изградбата на најголемата социјална зграда во државата.

„Не садиме палми во Вардар за стотици илјади евра, не градиме шпански скали, не правевме фасади од стиропор, не правевме скулптури на бикови и шмизли за милиони евра, туку со истите средства изградивме социјална зграда со 312 станови за социјално ранливи категории граѓани“, рече премиерот Димитар Ковачевски на увид во градежните работи за изградба на социјална зграда во Бутел.

Досегашната инвестиција во зградата е 9,8 милиони евра. Има два влеза со приземје и тринаесет ката, а на секој кат има по 24 стана. Има пристап за лица со посебни потреби, а премиерот очекува за неколку месеци да биде распишан оглас за доделување на становите.