Балкан
10. September 2022 - 8:51

Лајчак од Белград: Бараме опции за напредок во дијалогот

Специјалниот известувач на ЕУ за дијалог меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак, синоќа соопшти, по повод средбата во Белград со претседателот на Србија Александар Вучиќ, заедно со претставниците на Франција и Германија, Емануел Бон и Јенс Плетнер, дека се бараат „опции за напредок во дијалогот“ и дека процесот ќе продолжи и во наредните денови, јави дописникот на МИА од Белград.    

„Денеска заедно со високите советници за надворешна политика на францускиот претседател и германскиот канцелар имав важни детални разговори со премиерот на Косово, Албин Курти и со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, со цел да се истражат опциите за напредок во дијалогот. Процесот ќе продолжи и во наредните денови“ – напиша Лајчак на Твитер.

Вучиќ на почетокот на овие разговори со преговарачите на ЕУ во Белград, изјави дека нема да има признавање на Косово.

„Разговор за иднината на Србија, а никакво признавање на Косово нема да има! Во моментов разговарам со специјалниот претставник на Европската унија за дијалог меѓу Белград и Приштина и други регионални прашања на Западен Балкан, Мирослав Лајчак, и со советниците за надворешна и безбедносна политика на Република Франција и Сојузна Република Германија, Емануел Бон и Јенс Плетнер, секогаш подготвен за компромисни решенија, во согласност со Уставот на Република Србија и Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН. Нема предаја! Да живее Србија“, напиша Вучиќ на Инстаграм профилот „buducnostsrbijeav“.

Пред да пристигнат во Белград, тројцата дипломати престојуваа во Приштина, каде што се сретнаа со косовскиот премиерот, Албин Курти. Вучиќ и Курти се сретнаа во Брисел на 18 август, кога беше постигнат договор за документите за влез и излез на административните премеини, но не и за регистарските таблички. Во понеделникот Вучиќ прими заедничко писмо од претседателот на Република Франција, Емануел Макрон и од канцеларот на Сојузна Република Германија, Олаф Шолц, во кое иницираат забрзување на процесот за целосна нормализација на односите со Косово.

-Затоа, ги задолживме нашите советници за надворешна и безбедносна политика, Јенс Плетнер и Емануел Бон, да му дадат директна поддршка на Мирослав Лајчак во неговите напори. Предлагаме нашите советници, заедно со Мирослав Лајчак, да ги посетат Косово и Србија, со цел да ги истражат можностите за брзо придвижување на процесот, се наведува во заедничкото писмо на Макрон и Шолц.