Македонија
18. August 2024 - 13:54

ЛДП: Носеше ли Гаши патен налог со себе денеска кога со службено возило отиде по невеста во Косово?

Либерално-демократската партија изразува загриженост од континуираното непристојно однесување и злоупотреба на службената положба на претседателот на Македонското Собрание, Африм Гаши. 

Откако неговото обезбедување неодамна успеа да предизвика меѓународен инцидент на Скопскиот аеродром при посетата на косовската претседателка, Вјоса Османи, денеска Гаши повторно е во главна улога, овој пат како сват по невеста, со службено возило во свадбарска колона во соседно Косово. 

Прашуваме, дали господинот спикер, Африм Гаши, носел со себе патен налог и поседувал официјална документација за да може да оди по невеста со службено возило надвор од државата? Ако имал, бараме образложение по кој основ е издаден тој налог, за која намена, во кое времетраење и нормално, колку сето тоа нѐ чини нас, од чии даноци и се одржуваат возилата и државниот возен парк. 

ЛДП апелира да престане „каубојското“ однесување на одредени службени лица, претставници на институциите во државата и наместо да мафтаат со пиштоли по аеродроми и да одат на свадби во соседството со службени возила, да седнат и да сработат нешто за доброто на граѓаните и државата. Со единствена цел: спречување на злоупотребата на државните возила, ЛДП предлага сите службени возила да бидат видливо и јасно обележани (како такси возилата во Град Скопје) или сите да бидат бојадисани со иста боја. 

Само така, со носење на ваква конкретна мерка ќе може да се намалат злоупотребите во иднина, истовремено намалувајќи го и беспредметното трошење на буџетски средства за приватни и лични намени.

ЛДП