Бизнис
15. May 2024 - 16:36

Македонија 2025: Дијаспората сака да помогне, власта нема слух

Напредокот на земјава е бавен и недоволен. Заостануваме зад сите земји во регионот и аспиративните врсници. Нискиот животен стандард и квалитет на живот доведуваат до значителни поделби, посебни етнички и наместо придонес, секој се бори да зграби што поголем дел од јавниот колач – било да се државни вработувања, тендери или да ги злоупотреби јавните ресурси. Потребни се силни и решителни активности, но и власта да има слух за барањата на бизнисот. Ова е пораката од Самитот Македонија 2025, каде македонските бизнисмени  ќе црпат од искуството и потенцијалот на дијаспората.

- Некогаш власта има слух, некогаш не. Ние сме невладина организација, инвестираме доста време, енергија и средства за да ги направиме работите подобри. Меѓутоа, за да имаме поголем импакт навистина морате да соработувате со владата и со владините институции. Ние постојано подаваме рака, сакаме да и помогнеме на која и да е влада за да го подобриме системот на привлекување инвестиции, и странски, но и од дијаспората. Не сме до сега многу успешни во тоа, изјави Никица Мојсовска Блажевски,  извршен директор на Македонија 2025

За да  може државата да оди напред, неопходини се стапки на раст од најмалку 5%, борба против корупцијата, градење силни институции, подобро образование и инфаструктура, кои ќе ја направат економијата поконкурентна.
 
- Ќе биде многу тешко ако сите ние во својот сегмент на работење не се охрабриме и ако дополнително не внесеме енергија и ресурси, секако, потпомогнати со клима добра за раст и развој. Ако секој во својот дел на делување даде екстра ангажман, а убеден сум дека имаме и ресурси и знаење, ќе можеме да одиме напред и да го следиме приклучокот. Ни треба комбинација од она што ние го даваме и од она што се нови технологии, како и добра, мотивирачка клима за работа, вели Живко Мукаетов, член на Одбор на организацијата 

Иако нема најава за конкретна инвестиција од дијаспората, од Организациајта се задоволни што изминативе години дел од нив веќе вложиле, а 90 лица работеле со домашните компании. Инаку на Самитот учествуваат над 500 гости и истиот требаше да го отвори претседателката Силјановска, но таа во последен момент го откажа присуството.