Ракомет
10. јуни 2017 - 18:24

Македонија четврто рангирана во Лигата на шампионите

 
 
Европската Ракометна Федерација (ЕХФ) по комплетирањето на сезоната 2016/17 го објави новото рангирање на европските земји во Лигата на шампионите, во кое Македонија ги мина Германија и Франција и се искачи на четвртата позиција.
 
Историскиот успех на Вардар со триумфот на фајнл-фор турнирот во Келн имаше големо влијание врз растот на бодовното салдо на Македонија на европската листа, на која сега единствено Унгарија, Шпанија и Полска се подобро-пласирани од нашата земја. Веднаш зад Македонија, на петтото место се наоѓа Франција, а меѓу првите 10 се уште Германија, Хрватска, Данска, Белорусија и Украина.
 
Бодовите за рангирање на федерациите, ЕХФ ги пресметува според резултатите на клубовите во последните три сезони (2014/15, 2015/16 и 2016/17) и според нив потоа го одредува рангот на тимовите за наредната сезона – 2017/18. Во текот на наредната седмица, ЕХФ ќе ја објави и конечната листа на тимови за сезоната 2017/18.
 
Што се однесува до рангирањето во женска конкуренција Македонија го задржа третото местото, што е ист пласман како и минатата сезона иако ракометарките на Вардар стигнаа до финалето во кое беа поразени од унгарскиот Ѓер. Подобар пласман од Македонија имаат само Црна Гора и Унгарија.