Македонија
6. March 2025 - 16:37

Македонија нема да испраќа војници во Украина, Генералштабот се уште не добил покана за состанокот на Макрон во Париз

Генералштабот на Македонија до сега нема добиено покана да присуствува на најавениот состанок на Макрон за следната недела во Париз, со началници на генералштабовите на европските земји кои се подготвени да го гарантираат идниот мир во Украина и зајакнување на одбраната на ниво на Европа.

На овој состанок предвидено е да бидат донесени повеќе одлуки, меѓу кои и заедничко финансирање на набавка на авиони, тенкови на европско тло за зајакнување на одбраната, откако Макрон во телевизиско интервју кажа дека иднината на Европа не мора да се решава во Вашингтон и Москва и дека сака да верува дека САД ќе останат на страната на Европа, но мора да бидат подготвени ако тоа не биде случај.

Ниту до македонското министерство за одбрана нема пристигнато покана, но ако добијат велат ќе присуствуваат на состанокот затоа што се работи за безбедноста на сите граѓани во Европа.

По најавите на Макрон дека ќе се сретне со воени претставници на оние земји кои се подготвени да испратат мировни сили кои ќе бидат распоредени откако ќе престанат борбите, од министерството за одбрана велат дека Македонија нема да испраќа македонски војници на украинско тло.

Од сегашна гледна точка сметаме дека македонски војници на украинска територија не треба да има. Она што е најважно и е од особена важност за украинските граѓани, најнапред да се воспостави мирна состојба односно да се дојде до взаемно решение кое би гарантирало долгорочен мир, а во меѓувреме да се разговара за модалитетите за натамошна помош.

Ако европските лидери испратат војници во Украина, тоа ќе значи војна- оваа порака ја испрати министерот за надворешни работи на Русија, по изјавите на Макрон. Било каква присутност на европски мировни сили во Украина,ќе се смета дека и официјално вклучување на НАТО во војната, изјави Лавров.

По Русија, САД и Кина, Франција е на четврто место најголема нуклеарна сила во светот според Федерацијата на американски научници.