Македонија
10. October 2018 - 15:55

Македонската литература на саемот во Франкфурт

Македонската современа книжевност, можностите за соработка со странските партнери и промоција на Република Македонија како современа културна и книжевна средина ќе бидат претставени на Саемот на книга во Франкфурт, кој годинава се одржува од денеска до 14 октомври.

Оваа година Министерството за култура првпат се јавува во функција на комесар на националното претставување.

Министерството за култура информира дека преку предвидените активности ќе се настојува да се обезбеди подобар пробив на авторите од Република Македонија и нивното творештво во меѓународен контекст, долгорочно.

Република Македонија ќе биде претставена со свој национален штанд на кој ќе бидат презентирани изданија од продукцијата на голем дел од издавачите од државава, монографски изданија за Македонија, за културното наследство што го поседуваме, како и преводи на странски јазици. 

Саем на книга

Во рамки на претставувањето, на 13 октомври во 12 часот ќе биде одбележено присуството на Република Македонија на овој саем со настан на кој ќе бидат поканети претставници на повеќе земји, автори, издавачи... На овој настан ќе бидат претставени неколку автори од Република Македонија од различни генерации кои припаѓаат на различни поетики, а е предвидено и претставување на Конкурсот за странски издавачи што го спроведува Министерството за култура веќе петта година.

На Саемот на книга во Франкфурт ќе присуствува и министерот за култура Асаф Адеми, кој ќе оствари средби со Тобијас Вос, директор за меѓународна соработка на Саемот во Франкфурт; Јурген Бос, генерален директор на Саемот во Франкфурт, Антје Конциус, извршен директор на Традуки, Оливер Зиле, директор на Саемот во Лајпциг, како и со претставници на други држави кои го презентираат своето национално творештво на Саемот на книга во Франкфурт.

Република Македонија оваа година ќе се претстави и на Саемот на книга во Тирана во ноември, а ќе биде и земја во фокусот на Саемот на книгата во Пула.