Македонија
9. August 2017 - 15:37

Малолетници предизвикале пожар при собирање отпад

Тројца малолетници предизвикале пожар вчера попладне на тревна површина под касарната „Илинден“ во Скопје додека собирале отпад и се ваделе бакар од жици. Пожарот, којшто зафатил 200 метри квадратни тревна површина, е изгаснат од Бригадата за противпожарна заштита.

Како што соопшти денеска Министерството за внатрешни работи, вчера околу 17 часот по пријава за пожар на отворен простор на бул. „Никола Карев“, под касарната Илинден, во непосредна близина на реката Вардар, полициски службеници од СВР Скопје на лице место затекнале две лица, едно на возраст од 25 години и десетгодишно дете.

- Затекнатите лица се повикани во полициска станица каде со нив е извршен службен разговор во кој појасниле дека малолетникот заедно со уште две непознати малолетни лица на местото собирале отпад и со намера од жици да извадат бакар го запалиле отпадот, по што настанал пожарот, соопштуваат од МВР.

Додаваат дека 25-годишникот кој бил вујко на малолетникот не е инволвиран во настанот, туку дошол на местото барајќи го внукот, го забележал пожарот и почнал да го гаси.

По извршените разговори лицата се ослободени, за настанот е известен дежурен Јавен обвинител за малолетници од Основното Јавно обвинителство Скопје, а од страна на Секторот за внатрешни работи ќе биде поднесен соодветен поднесок – Известување до надлежното ОЈО Скопје.