Македонија
16. February 2017 - 15:16

Манчевски: Град Скопје трошел пари за непродуктивни трошоци наместо за инфраструктурни проекти

Потпретседателот на СДСМ Дамјан Манчевски денеска повикувајќи се на извештајот за извршување на буџетот обвини дека Градот Скопје минатата година трошел пари за непродуктивни трошоци наместо за проекти од инфраструктурата и енергетската ефикасност.

- Се трошеше за барокни фасади, плоштади, фонтани, луксузни административни згради и за други непродуктивни трошоци. Коце Трајановски немаше пари за мерки за намалување на загадувањето, подземна сообраќајница во центарот на градот, проекти за енергетска ефикасност, ниту пак за нови мостови и главни сообраќајници, рече Манчевски.

Тој додаде дека по локалните избори во мај ќе предложат ребаланс на буџетот со кој ќе ја сопрат изградбата на Панорамското тркало, барокните фасади и пропратните објекти кои се дел од проектот „Скопје 2014“, а парите ќе ги пренасочат за мерки за намалување на загаденоста, за изградба на паркови, средни училишта, мостови и сообраќајници.