Мицкоски уверува во стабилна коалиција, ВРЕДИ најавува зголемување на мнозинството
Владината коалиција е стабилна и наместо политиканство време е за работа, вели премиерот Мицкоски по најавите дека паралелно со реконструкцијата на владиниот кабинет се водат и разговори за зголемување на парламентарното мнозинство.
Албанскиот коалиционен партнер пак јавно тврди дека по изборите во четирите општини во јануари, ќе порасне парламентарното мнозинство и пратеничката група на Вреди. Пратеникот Азизи за Сител не открива имиња, но потврди дека се водат интензивни разговори со пратеници кои се разочарани од политиките на НАИ и Ахмети.
Можам да потврдам дека имаме контакти и разговори со пратеници кои што моментално се дел од опозициската коалиција. Повеќе опозициски пратеници ја прочитаа пораката на граѓаните на локалните избори и се спремни да ги поддржат политиките на развојот и промената. Верувам дека во наредниот период ќе имаме подетални и официјални информации за конкретни имиња.
И додека ВРЕДИ најавува политичко укрупнување, пратеникот на НАИ Блерим Беџети, против кого е поднесена и кривична пријава, директно го обвини премиерот Мицкоски за политички притисок врз него како пратеник за да се зголеми парламентарното мнозинство.
Конкретни чекори околу евентуално зголемување на мнозинството се најавуваат по владината реконструкција и спроведувањето на изборите во општините каде не беше постигнат потребниот цензус. А конечниот извештај за локалните избори од ДИК веќе е пристигнат во Парлментот, потврдија од кабинетот на Гаши. Според тоа тој ќе ги распише изборите за четирите општини како тие би се одржале во законски предвидениот рок. Датумот 11 јануари кој е една од опциите за одржување на изборите е прифатлива и за премиерот.
-
Ивана Соколовиќ Најдова
Сите содржини од овој новинар
