Балкан
7. December 2023 - 18:05

Мицотакис и Ердоган потпишаа Декларација за пријателски односи и добрососедство

Продолжување на комуникацијата преку политичкиот дијалог, позитивната агенда и мерките за градење доверба; избегнување на дејства кои може да го загрозат мирот и стабилноста во регионот; решавање на разликите на мирен начин, содржи, меѓу другото, Атинската декларација за пријателски односи и добрососедство што денеска ја потпишаа грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, јави дописничката на МИА од Атина.

Мицотакис и Ердоган денеска се сретнаа во рамките на петтиот Висок совет за соработка меѓу двете земји што се одржа во Атина, по што ја потпишаа и Декларацијата која меѓу другото се базира на обновената волја за соработка меѓу Владите на двете земји, барањето за интензивирање на билатералните односи, решителноста да се негуваат пријателски односи, меѓусебно почитување, мирен соживот и разбирање, а споровите да се решаваат со мирни средства и во согласност со меѓународното право.

Не станува за меѓународен договор обврзувачки за двете страни, но ги одредува следните чекори во грчко-турските односи.

-Страните се обврзуваат да се воздржат од каква било изјава, иницијатива или чин што може да ги поткопа или дискредитира содржината и духот на оваа Декларација или да го загрози одржувањето на мирот и стабилноста во нивниот регион.

Страните ќе настојуваат да го решат секој спор што ќе се појави меѓу нив на пријателски начин преку директни консултации меѓу нив или преку други средства по заеднички избор како што е предвидено во Повелбата на Обединетите нации, пишува во Декларацијата.

Волјата за подобрување на односите и задржување на позитивната клима, Мицотакис и Ердоган ја истакнаа и во изјавите по средбата.

Турскиот претседател рече дека се две соседни земји кои делат исто море, иста географија, иста клима, па дури и иста култура во многу области и „сосема е природно е да постојат проблеми меѓу две земји, особено меѓу браќа“, но прашањето да постои волја за решавање на овие проблеми.

-Ние сакаме да го претвориме Егејското море во море на мир и соработка. Сакаме да бидеме пример за целиот свет со заедничките чекори што ќе ги преземеме како Турција и Грција.

Отворено го кажувам тоа, не постои никаков проблем меѓу нас што е толку голем што не може да се реши, доволно е да постои добра волја и да се фокусираме на големата слика, да не бидеме од оние што го преминуваат морето, а се дават во реката.

Многу сме задоволни што иста перцепција ја има и господинот Мицотакис, рече Ердоган.

Грчкиот премиер истакна дека билатерални односи поминаа низ бранувања, и „на моменти беа во опасност, а со нив и безбедноста и мирот во источниот Медитеран“.

-Затоа е исклучително важно што во последните месеци двете земји чекорат по помирен пат.

Грција и Турција, Турција и Грција, мора да живеат во мир, да ги формулираат нивните разлики кои се познати, искрено да разговараат за нив и постојано да бараат решенија.

И ако тие не се премостуваат, не треба автоматски да произведуваат тензии и кризи, потенцираше Мицотакис.

Соопшти дека Грција побарала и добила одобрение од Европската комисија за активирање на можноста турските граѓани и нивните семејства во текот на целата година, седум дена, да посетуваат десет грчки острови, кои или имаат бегалски кампови или имаат директни фериботи со Турција.

Истакна дека станува збор за иницијатива со силна порака дека грчките острови се „мост на комуникација и пријателство меѓу двата народа“, а мостови на соработка и пријателство, според Мицотакис се и малцинствата во двете земји.

Според она што го изјавија двајцата лидери по средбата, уште еднаш беше потврдено дека имаат различни позиции за конкретни теми како што се кипарското прашање и малцинството во Грција.

Со оглед на тоа што Ердоган во изјавата говореше за турско малцинство во грчката област Тракија, а Грција официјално признава само муслиманско малцинство, Мицотакис, по изјавите рече дека мора да даде коментар и посочи дека конкретниот регион е пример за хармоничен соживот на христијаните и муслиманите, а малцинството како муслиманско е определено со Лозанскиот договор.

Турскиот претседател не одговори на коментарот, по што завршија предвидените изјави за медиумите.

Високиот совет за соработка се одржа по пауза од седум години, а денешната средба на Мицотакис и Ердоган беше трета по ред за неколку месеци, односно по изборите во двете земји.