Македонија
18. October 2022 - 12:05

Министерство за здравство: Октомври посветен на борбата против рак на дојка

– Ракот на дојка е најчесто малигно заболување кај жените и месец октомври е посветен токму на борбата против ракот на дојка, неговата превенција и раното детектирање велат од Министерството за здравство.

Оттаму потенцираат дека од 1 ноември продолжува националната скрининг програма за рано откривање на рак на дојка, со цел навремена дијагностика и рано откривање на ова заболување.

-Ова е посебно значајно за жените кога имаат знаци за промени во дојката или треба да направат контрола, и овие активности се иницирани за навремена дијагностика, односно жената да стигне на преглед навремено со цел откривање на ракот на дојка во раната фаза, истакнуваат од Министерството.

Тие посочуваат дека жените од возрасната група од 45 до 69 години ќе бидат опфатени во националната скрининг програма, кои не направиле мамографија последните две години, додека жените на возраст од 40 до 44, кои имаат член во семејството со рак на дојка и или друг дополнителен ризик фактор ќе имаат можност самоиницијативно да се пријават за скрининг мамографија на посебна страница за таа намена.

Скрининг мамографијата е бесплатна за жените во програмата, партиципацијата ја покрива Министерството за здравство.

-Исто така, се иницирани промени во начинот на упатување и закажување преглед за мамографија, ехо и биопсија, каде ќе се овозможи на радиологот да ја упатува жената со цел да се намали времето и патот на жената од преглед до третман, соопштуваат од Министерството за здравство.

Здравствените власти информираат дека во завршна фаза е и склучувањето договори за набавка на нови најсовремени мамографи во соработка со Светска банка за јавните здравствени установи со што, како што велат од Министерството, значително се доближува оваа здравствена услуга поблиску до местото на живеење и токму преку регионализација фокусот се става на навремената дијагностика и рана детекција на ова најчесто малигно заболување.