Муцунски: ВМРО-ДПМНЕ ќе го блокира Предлог-законот со кој се предлага еколошка такса
Сведочиме на продолжен тренд од несоодветни и неквалитетно планирани политики на Владата предводена од СДСМ и ДУИ.
Оваа Влада по пет години владеење не создава опипливи политики кои ќе помогнат да се заштити животната средина и здравјето на граѓаните. Наместо тоа, предлагаат воведување на еколошка такса, која ја затскрива реалноста дека истата се воведува како форма на кризен данок.
Наместо државата да се грижи за инвестиции во зелени проекти, Владата има намера да наплаќа од секој граѓанин и од секоја компанија со цел да финансира проекти што нема да постигнат некој значителен ефект, освен можеби политички да го оправдаат ребрендирањето на еден од своите коалициони партнери.
Потенцираме дека немаме задршка во однос на потребата за адресирање на современите еколошки предизвици, но за тоа постојат редица на прифатливи начини, други финансиски инструменти и соодветни мерки. Вo овој тежок кризен период не смееме да дозволиме најсилно да бидат оштетени граѓаните и стопанските субјекти.
Токму oвој владин предлог за воведување на нова давачка со која практично се зголемуваат цените на горивата за граѓаните, со сигурност ќе влијае кон нов бран на зголемување на цените на транспортот и на сите други производи, зголемена неконкуретност на македонските компании на светскиот пазар, за да во овие кризни времиња има потенцијал да предизвика и дополнителен шок на целата македонска економија.
Токму ваквиот Предлог закон е и силен доказ за антипазарниот пристап на оваа Влада, на која од самиот почеток и недостасува сериозен и остварлив концепт за борба против сиромаштијата, засилен економски развој и барем минимално подобрување на животниот стандард на граѓаните.
Подолг период во Собранието алармираме дека Владата се подготвува да пристапи кон зголемување на даноците и во поглед на ова прашање до пред некој ден бевме обвинувани за ширење на лажни вести. Зарем сега не е очигледно дека единствените кои шират лажни вести се токму претставниците на мнозинството.
Бидејќи мнозинството често знае да каже дека ВМРО-ДПМНЕ ја блокира работата на Собранието, оценуваме за потребно да истакнеме дека ВМРО-ДПМНЕ блокира единствено закони кои им нанесуваат сериозна и непосредна штета на и така веќе погодените граѓани и компании.
Во однос на овој Предлог закон ставот на академската заедница, стопанските комори и граѓаните е едногласен, а нивниот заклучок и јасна порака е дека станува збор за погрешна мерка во погрешно време.
Имајќи го предвид кажаното, ставот на ВМРО-ДПМНЕ е цврст и јасен: Без двоумење ќе го блокираме овој Предлог закон, користејќи ги сите постоечки демократски механизми и ќе го спречиме неговото донесување. Во случај мнозинството да продолжи да го прави тоа што го прави најдобро, а тоа е насилно и надвор од процедура да донесе уште еден закон кој удира по џебот на граѓаните, тогаш приоритет на новата влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде целосна ревизија на сите анти-пазарни политики, меѓу кои и високите даноци.
Нашето решение е едноставно, граѓаните ќе осетат вистински ефекти преку намалување на даноците и давачките кон власта, како и безусловно укинување на таканаречената еколошка такса.
Тимчо Муцунски, пратеник на Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ
Ново на Сител
-
ДУИ со видео од Ахмети во УЧК униформа: Дајте ми го мечот, никогаш не сум изгубил војна
-
Дел од општина Бутел без вода
-
Набавена нова опрема за Одделот на неонатологија при Детската клиника
-
Таравари: Немам информација дека некој од рентген апаратите не работи, матичните педијатри да не ги испраќаат сите свои пациенти на Педијатрија
-
Угостителските услуги во 2024 година поскапеле за 5,6 отсто
-
Пренатрупаност во словенечките затвори, со пополнетост од 130 отсто
-
Превентивна активност за заштита од екстремни температури на скијачкиот центар „Михајлово“
-
Дуда бара гаранции дека Нетанјаху нема да биде уапсен доколку го посети Аушвиц