Македонија
14. August 2020 - 10:38

МЗ: На Психијатрија 4.000 телефонски разговори за психолошка поддршка на граѓаните

На ЈЗУ Клиниката за психијатрија се реализирани околу 4.000 телефонски разговори за психолошка поддршка на граѓаните за време на пандемијата со Ковид 19, почнувајќи од март, соопшти Министерството за здравство.

На првата телефонска линија за психолошка поддршка, која беше отворена на 15 март за возрасни во самоизолација во текот на целиот период, вклучувајќи ги викендите и празниците, која е достапна секој ден од 8 до 20 часот, имало повеќе од 2.200 разговори.

Во текот на март се отворија уште две други телефонски линии, од кои едната за психолошка поддршка на родители на деца на предучилишна и училишна возраст од страна на Клиниката за психијатрија, како и други телефонски линии за психолошка поддршка на лица од различни категории во соработка со УНИЦЕФ – Психолошка поддршка на родители на деца со пречки во развојот и Психолошка поддршка на адолесценти, на кои вкупно се реализирани повеќе од 500 разговори.

На телефонската линија за поддршка на жени во бременост и после породување се реализирани 50 разговори. На целните линии кои беа отворени за поддршка на лица од различни категории, вклучително и психолошка поддршка на албански јазик, како и поддршка на жителите на Дебар и Центар Жупа во периодот на карантин на тие општини реализирани се 1.000 разговори.

Во моментов активни линии за граѓани од различни категории се: за Психолошка поддршка на возрасни лица 072/919-009, психолошка поддршка за деца, адолесценти и нивни родители 072/912-979, психолошка поддршка за жени во бременост и после породување 078/378-766 и психолошка поддршка на албански јазик 070/291-657, стои во соопштението од Министерството за здравство.