Македонија
20. December 2023 - 12:14

Началникот на ГШ на Вооружените сили на Албанија Арбен Кинѓи во посета на Армијата на РСМ

Началникот на Генералштабот на Вооружените сили на Република Албанија, генерал-мајор Арбен Кинѓи, кој се наоѓа во официјална посета на Република Северна Македонија, денеска го посети Генералштабот на Армијата и Министерството за одбрана.

-По пречекот со воени почести, генералот Кинѓи оствари средби со својот домаќин, началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски и со заменик-министерот за одбрана Тирон Јајага. Генералите Ѓурчиновски и Кинѓи за време на меѓусебната средба разговараа за соработката помеѓу двете армии на земји соседи и сојузници во НАТО. Притоа беше констатирано дека билатералната меѓуармиска соработка, која во континуитет е на високо ниво, придонесува кон безбедноста и стабилноста во регионот и пошироко, информираат денеска од Министерството за одбрана.

Генералот Ѓурчиновски го запознал својот колега за тековниот трансформациски процес во Армијата, како и со претстојните планирани активности поврзани со исполнување на целите на способности на НАТО. Воедно, соговорниците разговарале и за активностите и операциите на НАТО во кои учествуваат двете земји, можностите за унапредување на понатамошната соработка со користење на капацитетите за обука, воената едукација, како и соработката на оперативно рамниште преку изведување на заеднички вeжбовни активности.

Генералот Ѓурчиновски истакнал дека досегашните форми на соработка, достигнатата меѓусебна интероперабилност, заедничкото учество во активностите и операциите на НАТО и членувањето во повеќе безбедносни иницијативи придонесуваат за зајакнување на безбедноста во регионот и пошироко.

Заменикот министер за одбрана Тирон Јајага на средбата со генералот Кинѓи, пак, порачал дека средбите на највисоко ниво се одлична можност да се засили соработката и да се потврди силното пријателство и сојузништво помеѓу Северна Македонија и Албанија.

-Нашата билатерална одбранбена соработка е на највисоко ниво. И двете земји се насочени кон зацврстување на мирот и безбедноста во регионот, и преку активното учество во регионалните иницијативи како А5, СЕДМ, Бригадата на Југоисточна Европа, но и преку учеството во мисиите и операциите како КФОР и ЕУФОР – Алтеа. Северна Македонија ќе продолжи да ја поддржува Украина која има право да ја одбрани својата независност и суверенитет од руската агресија, рекол заменикот министер Јајага.

Заменикот – министер во име на министерството и министерката за одбрана Славјанка Петровска се заблагодарил за посетата на началникот на Генералштабот на албанските вооружени сили, на сојузничка Северна Македонија и изразил очекување како и во 2023 година, и следната 2024 година да се потпише План за билатерална соработка кој, како што нагласил, ќе служи како катализатор за развој на интероперабилноста, способностите и вештините на припадниците на двете сојузнички армии.

Генералот Кинѓи за време на средбите, ја истакнал меѓусебната воена соработка како пример за сојузништво, како и дека секогаш ќе настојува во изнаоѓање на нови можности за подобрување на истата.

-Навистина е задоволство да се биде во Северна Македонија со која имаме исклучително плодна соработка. Ние ги споделуваме истите перспективи за регионот и истите ставови како сојузници во НАТО Алијансата. Драго ми е што разговаравме за регионалната соработка особено во контекст на кризниот менаџмент, истакнал Кинѓи.

По посетата на Генералштабот и Министерството за одбрана, тој ќе оствари средба и со претседателот на Република Северна Македонија и Врховен командант на Армијата, Стево Пендаровски.

Делегацијата на ВС на Албанија ќе има можност вечерва да присуствува и на заедничкиот предновогодишен концерт на воените оркестри на Република Северна Македонија, Република Албанија, Република Словенија и Република Хрватска.

Генералот Кинѓи во текот на посетата ќе ја обиколи и Командата за операции, каде ќе оствари средба со командантот, бригаден генерал Бесник Емини, а во текот на утрешниот ден во касарната „Кузман Јосифовски Питу“ во Тетово ќе се запознае со дел од активностите на третиот пешадиски баталјон од Првата пешадиска бригада.

Армијата на Република Северна Македонија има развиено одлична билатерална соработка со ВС на Република Албанија, која отпочнува со спогодбата за билатерална соработка во 1998 година и таа е поинтензивна во заедничките вежбовни активности, обуката и военото образование. Како на билатерален план така и во рамките на регионалните одбранбени иницијативи и проекти: САД-Јадранската повелба (А5), Форумот Б-9, иницијативата СЕДМ и бригадата за Југоисточна Европа – СИБРИГ, Центарот за безбедносна соработка РАКВИАК и Балканските медицински наменски сили.