Над 300 вработени ја напуштија ХРТ
До 31 март, Хрватската радио-телевизија (ХРТ) ја напуштија 333 вработени кои потпишаа меѓусебен раскин на договорите за вработување врз основа на Одлуката за условите и висината на отпремнината, која во јануари ја донесе генералниот директор Роберт Швеб, а се применуваше до последниот ден од март.
Програмската деловна единица ја напуштиле најголемиот број вработени во ХРТ – 123, потоа технолошката, каде 122 вработени го прифатиле понудениот спогодбен раскин на договорите за вработување со финансиска компензација.
Со одлуката за условите и висината на отпремнината, што на почетокот на јануари ја донесе генералниот директор Роберт Швеб, се утврдени условите и висината на отпремнината за работниците во ХРТ, во случај на „раскинување на договорите за вработување во периодот до 31 март 2025 година, со цел оптимизирање на работењето на ХРТ“.
Како што се нагласува во тој документ, максималниот износ на отпремнина не можел да биде поголем од 90.000 евра бруто II по работник, а работниците кои ги исполнуваат условите за стекнување право на отпремнина ги определил работодавачот.
Критериумите за ова беа дека работникот нема потреба да биде заменет со ангажирање на друг работник надвор од ХРТ, минимален стаж во ХРТ од пет години и да нема помалку од 24 месеци до навршени 65 години од животот.
Во образложението на одлуката се наведува и дека „со цел рационализација на оперативните трошоци на ХРТ, Владата на Република Хрватска на ХРТ и обезбедила финансиски средства во износ од 28 милиони евра во државниот буџет, а ХРТ одлучила да обезбеди отпремнини за работниците кои ги исполнуваат условите“.
На три дена пред истекот на рокот за склучување меѓусебен раскин на договорот за вработување со понудените отпремнини во зградата на ХРТ во Присавље, синдикатите на ХРТ и ограноците на ХНД одржаа состанок на работниците на кои им порачаа дека се против спроведувањето на планот за консолидација и дека се подготвени да го бранат јавниот сервис.
- Денес сме тука да се збогуваме со повеќе од 300 луѓе кои заминаа, не затоа што немаат каде да одат или подобра работа, туку затоа што не можат повеќе да ја издржат оваа неизвесност, ова мачење, недостатокот на визија за тоа што треба да биде јавен медиумски сервис, рече Маја Север, новинарка на ХРТ и претседател на Европската федерација на новинари (ЕФНХ) и на Хрватскиот синдикат на новинари (EFNH).
Таа се осврна и на Планот за консолидирање на работата и работењето на ХРТ, кој минатиот месец го усвои хрватската Влада и кој меѓу другото предвидува отпуштање од 700 до 800 вработени. Во времето на усвојувањето на планот за консолидација, ХРТ вработуваше околу 2.700 работници, а со прифаќањето на отпремнините, досега хрватскиот јавен медиумски сервис го напуштија 333 работници или околу 12 отсто од вкупната работна сила.
- Иако предупредувавме дека планот за консолидација не оди во вистинската насока, собраниската Комисија за медиуми му даде малку повеќе сила на Роберт Швеб да продолжи со консолидација според моделот на автопат. Со почит кон сите што работат на автопатишта, ние не сме автопати, ние сме креативни луѓе и знаеме да направиме програма што ја сака публиката, нагласи Север.
Таа, исто така, ги повика работниците да останат заедно и да продолжат да работат конструктивно на барањата што ќе ги постават до раководството на ХРТ, хрватската влада и Парламентот. „Остануваме затоа што веруваме во јавниот медиумски сервис. Не нè кочи ниту платата, ниту обезбедувањето, ниту сме никаквеци, како што често се етикетираат луѓето од ХРТ. Овде има луѓе кои знаат за што служи јавниот медиумски сервис, за разлика од нашето раководство и администрација“, заклучи Север.
Ново на Сител
-
САД: Земјите кои не возвратија на царините ќе бидат наградени
-
Трамп ги зголемува царините за Кина на 125 отсто, но најавува 90-дневна пауза за останатите земји
-
Дортмунд подготвува нов договор за Ковач
-
Ердоган ја обвини главната опозициска партија за „фашизам“
-
Вучиќ за утврдување одговорност за посетата на повредените од Кочани: Никој не ме пушти, сам си влегов, и што сега?
-
Директори злоупотребиле службена положба и ги оштетиле буџетите на две беровски училишта за вкупно 1.171.000 денари
-
Трендафилов: Владата не е против зголемување на минималната плата, туку останатите два синдиката
-
Изградбата на втората фаза во Затвор Идризово се очекува да започне до крајот на годинава, најави Пандов