Над 53 илјади пријавени за вакцинирање преку онлајн апликацијата, а 24.958 преку матичните лекари
Вкупно 53.070 граѓани досега се пријавиле за вакцинирање против Ковид-19 преку веб-страницата „vakcinacija.mk“. Преку матичните лекари пријавени се 24.958 лица, информираа за МИА од Министерството за здравство.
Веб страницата беше пуштена минатата недела, а на неа може да се пријави секој граѓанин со тоа што системот ќе биде тој кој ќе генерира кои граѓани ќе бидат приоритетни. Освен на овој начин, пријавувањето за вакцинирање може да се врши и преку матичните лекари преку системот „Мој термин“.
Вакцинацијата против Ковид-19 во државава почна денеска во Модуларната болница при Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби, каде се вакцинираат вработените во таа јавна здравствена установа.
– Следат вработените во сите ковид – центри најпрво тука во Скопје, во ГОБ „8 Септември“, Институтот за белодробни заболувања во Козле, Интерните клиники…Засега планот е вакцинацијата да се одвива тука во Скопје, во Модуларната болница, а вработените во ковид-центрите од другите болници во текот на викендот и почетокот на следната недела ќе доаѓаат тука. Понатаму, вакцините ќе се дисперзираат низ целата држава, изјави денеска министерот за здравство Венко Филипче.
Пунктот во модуларната болница, каде има шест вакцинални позиции работи во две смени од 8 до 20 часот, а вакцинацијата ја спроведуваат медицински тимови од Здравствениот дом Скопје.
Досега се пријавени 4000 здравствени работници за вакцинација, од кои околу 2000 се во градот Скопје, а останатите се во другите градови. На секој здравствен работник кој примил вакцина веднаш ќе му биде резервирана втора доза за ревакцинација.
Имунизацијата од Модуларната болница се врши со 4680 од предвидените 8000 дози вакцини од производителот „Фајзер“ кои државава го доби како донација од Србија. Со пристигнувањето на другите дози вакцини во државата, ќе се врши дистрибуција на вакцини низ останатите здравствени домови во земјава каде вакцинацијата ќе се спроведува во постоечките вакцинални пунктови.
До крајот на месецов се очекуваат и 200 илјади вакцини од кинеската компанија „Синофарм“. Во земјава треба да пристигнат и дополнителни дози од „Фајзер“ кои се обезбедени од директните преговори со компанијата, како и дози преку Ковакс системот.
Ново на Сител
-
Втор ден комисиска расправа за буџетот - За власта развоен, за опозицијата погубен
-
Заврши рокот за докомплетирање на документации: Локална самоуправа ќе открие која Општина за што добила пари
-
Претходното раководство на Пошта од централниот објект сакало да направи кабаре
-
Протести во Ореовец
-
Почнаа дебатите за реформи на Судскиот совет, конечно решение се очекува до крајот на декември
-
Преглед на вестите од светот
-
Нов електронски систем за дозволи за оружје
-
СДСМ: Тошковски отпушта чесни полицајци