Свет
21. December 2022 - 8:56

Најмалку две жртви во земјотресот во Калифорнија

Најмалку две лица загинаа и десетина се повредени во силниот земјотрес со јачина од 6,4 степени според Рихтеровата скала што вчера ја погоди северна Калифорнија.

Земјотресот оштети домови и патишта, прекина некои комунални линии и остави без вода и струја неколку илјади жители од областа во близина на градот Рио Дел.

Земјотресот се случи на околу 350 километри северно од Сан Франциско, а по него имало околу 80 последователни потреси.

Гувернерот на Калифорнија Гевин Њусом прогласи вонредна состојба во округот Хумболт, кој беше најтешко погоден од земјотресот.

Њусом им нареди на државните агенции и служби да преземат соодветни мерки за да ја обезбедат потребната помош за локалната заедница.