Свет
14. February 2023 - 12:43

НАТО не ја отфрла можноста за одвоено пристапување на Шведска и Финска

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг денеска во Брисел изјави дека „напорно работи“ за „што е можно побрзо“ да ги добие конечните ратификации од Турција и Унгарија за пристапувањето на Шведска и Финска во Алијансата, но не ја отфрли можноста за одвоен прием на тие земји.

- Главното прашање не е дали пристапувањата на Финска и Шведска ќе бидат ратификувани заедно, туку дали и двете ќе бидат ратификувани што е можно поскор“, рече Столтенберг на состанокот на министрите за одбрана на земјите-членки на Алијансата.

- Уверен сум дека ќе ги има и двете ратификации и напорно работам за да го постигнам тоа што е можно поскоро, додаде тој.

Лидерите на 30-те земји-членки на НАТО одлучија да ги поканат Шведска и Финска да се приклучат на Алијансата за време на Самитот во Мадрид во јули 2022 година.

Сите земји-членки, освен Турција и Унгарија, го ратификуваа пристапниот договор на двете нордиски земји.

На почетокот на февруари турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган за првпат навести дека турскиот парламент може да го ратификува членството на Финска, но не и на Шведска.

Одлуката на шведските власти да ги одобрат демонстрациите пред турската амбасада во Стокхолм, при што беше запален Куранот, предизвика незадоволство кај Анкара, која ги прекина преговорите за ратификација на договорот.

Повеќето Финци веруваат дека влезот на нивната земја во НАТО може да се случи без да се чека Шведска.  Сепак, лидерите на двете земји ја потврдија желбата заедно да бидат примени во Алијансата.

Шведска и Финска се веќе високо интегрирани во НАТО со нивниот статус на земји гости. Тие учествуваат на сите состаноци, вклучително и состаноците на воениот комитет и добија безбедносни гаранции од САД, Германија, Франција, Велика Британија, Италија, Полска и Холандија до нивната официјална интеграција во Алијансата.

Во Брисел денеска и утре се одржува состанок на министрите за одбрана на членките на НАТО, а главна тема е испраќањето оружје за Украина, која пред речиси една година беше нападната од Русија.