Македонија
19. July 2024 - 14:57

Не може да се чекирате онлајн, „Визер“ бара патниците да пристигнуваат 3 часа пред летот

Пристигнете на аеродромот најмалку три часа пред летот, апелираат од „Визер“ по денешниот ИТ-колапс. Се очекуваат потенцијални прекини поради тековниот проблем на глобалните ИТ-системи, кој не зависи директно од „Визер“.

„Како и сите авиокомпании денес, и „Виз ер“ се соочува со екстремни технички предизвици со прекинот на глобалните ИТ-системи од трета страна. Патниците на „Визер“ може да доживеат прекини во мрежата бидејќи услугите на веб-страницата и мобилните апликации привремено се недостапни“, се вели во соопштението.

Следниве онлајн-услуги во моментот не се достапни:

– веб-страница и мобилна апликација на „Визер“;

– систем за резервации;

– онлајн-систем за пријавување и прикажување на блиетот за патување;

– контакт-центри – нови резервации и промени на постојните.

„За време на прекинот, достапно е бесплатно пријавување на аеродромот. Затоа, ги советуваме патниците да пристигнат на аеродромот најмалку 3 часа пред закажаното време на поаѓање за да овозможат доволно време за пријавување, безбедносна контрола и здравствени и безбедносни процедури специфични за аеродромот“, се додава во соопштението.