Неизвесно донесувањето на Законот за јавно обвинителство
Останува неизвесно донесувањето на законот за јавно обвинителство со кој треба да се реши и идниот статус на Специјалното јавно обвинителство. Власта и опозицијата и по вчерашната средба во Министерството за правда не постигнаа договор.
Остануваат клучните разлики околу статусот на Специјалното јавно обвинителство и употребата на аудио материјалите, но како што изјавија учесниците по вчерашната средба, постои расположение за продолжување на разговорите.
– Разликите остануваат. Клучните разлики се во статусот на СЈО и во употребата на аудио материјалите. Се договоривме да се извршат консултации во делот на тоа каде би можело да има придвижување за да најдеме простор за заедничко носење на законот. Така што денеска нема некој посебен напредок со кој може да се пофалиме, изјави вчера министерката за правда Рената Дескоска-Треневска.
И од ВМРО-ДПМНЕ потврдија дека постои расположение за продолжување на разговорите.
– Остануваат сериозни разлики во толкувањето на содржината на целиот Предлог закон за обвинителство но, исто така беше потврдено дека постои расположение за одржување на понатамошни консултации со цел да вложиме заеднички напори да стигнеме до одреден напредок и можно заедничко решение, изјави вчера Антонио Милошоски, кој беше дел од групата која учествуваше на средбата во Министерството за правда.
Лидерот на Алијансата за Албанците, Зијадин Села изјави дека СЈО треба да продолжи со работа како што е формирано и за целите за кои е формирано.
-Спремни сме да дадеме поддршка за ваков предлог. Нормално во истиот закон треба да се интервенира во поглед на тоа дека предмети за кои СЈО оценува дека не се во нивна надлежност, не треба да останат по фиоките, туку истите да ги процесуираат до Јавното обвинителство за секој вид криминал и корупција да биде доследно до крај проследен и да има казни за истите, изјави Села.
Министерката за правда се надева дека законот ќе биде донесен пред изборите. Таа вчера изјави дека се разговара со сите пратенички групи и оти работат на обезбедување на мнозинство од 80 пратеници.
Порака дека од огромно значење е СЈО да продолжи со работа вчера стигна и од евроамбасадорот Самуел Жбогар кој во писмена изјава посочи дека Европската унија ги следи одблизу подготвоките за измена на Законот за јавно обвинителство.
– Специјалното јавно обвинителство (СЈО) значително придонесе кон повторно воспоставување на одговорност и кон борбата против неказнивост. Од огромна важност е СЈО да продолжи со гонењето на оние кои се одговорни, на сторителите, и тоа да го прави на професионален начин и независно, истакна Жбога.
Законот за јавно обвинителство треба да биде донесен со двотретинско мнозинство во Собранието. Тој е и еден од условите за отворање на преговорите со ЕУ во јуни.
Ново на Сител
-
Две лица тешко ранети, а уште четири полесно во напад со нож во Швајцарија
-
Словачка не воведува вонредна состојба поради атентатот врз премиерот
-
Малолетник претепан од три лица во Гази Баба
-
Малолетници фрлиле во височина соученик во тетовско училиште
-
Данска испраќа нов пакет воена помош за Украина во вредност од 750 милиони евра
-
Демири: Ако го суспендирав директорот на Токсикологија пред избори, ќе го сфатевте како политичка кампања
-
Јавна расправа на Управниот суд за тужбата од Коалицијата „Вреди“
-
Тошковски - Давкова: Ќе градиме општество во кое основен принцип ќе биде владеење на правото