Македонија
6. March 2025 - 16:32

Невладините го вклучија алармот: Надлежните мора да го одржуваат зеленилото во градот

Крајно време е да се разбудат институциите. Откако дете со три скршени ребра и потрес на мозокот заврши на хирургија, бидејќи врз него падна гранка од старо дрво, од невладиниот сектор им порачаа на надлежните да се фатат за работа и конечно да почнат да го следат, но и да го одржуваат здравјето на зеленилото во Скопје.

Скопјани имаат и Зелен катастар, создаден за подобро управување со јавното зеленило. Оваа веб-страница денеска стои само за украс. Никој не ги ажурира податоците за тоа колку едно дрво е старо, каков вид е, кога расцветало, кога се исекло, ниту каде се засадило ново. Град Скопје и општините не може да се договорат кој треба редовно да ги обновува овие податоци, дали самите општини, или пак вработените во Град Скопје.

10-годишното момче кое настрада од гранка на дрво се уште е на интензивна нега. Од Детска хирургија за Сител велат дека е во добра состојба.

За овој инцидент, обвинителството се уште прибира податоци за староста на ова дрво, а истражува дали има поднесено какво било барање за негова сеча, за утврдување на евентуална одговорност за настанот.

Парковите во главниот град се преполни со стари дрвја кои чекаат да бидат исечени од страна на надлежните. Но, додека институциите се фатат за работа, на граѓаните им останува да бидат екстремно внимателни додека пешачат, за некоја гранка да не им падне врз глава.