Балкан
16. February 2017 - 10:59

Невработеноста во Турција достигна 12,1 отсто, највисоко ниво во последните седум години

Невработеноста во Турција во декември 2016 година нарасна до 12,1 процент, достигнувајќи го највисокото ниво од март 2010 година, соопшти весникот „Хуриет дејли њуз“, повикувајќи се на вчера објавените податоци на турскиот Завод за статистика.

Бројот на невработени меѓу лицата на возраст над 15 години во ноември 2016 година нараснал до 3,7 милиони лица, односно е за 590.000 лица повеќе од истиот период претходната година. Нивото на невработени меѓу младите луѓе, на возраст меѓу 15 и 24 години, е 22,6 проценти.

Бројот на вработени луѓе, истовремено, се зголемил за 391.000 лица во однос на истиот период од претходната година, и во ноември 2016 година достигнал 27,07 милиони лица.

Весникот забележува дека владината кампања за „мобилизација на вработеноста“, што ќе почне во март, се очекува да создаде околу два милиона нови работни места, што, според аналитичарите, ќе доведе до мал пад на нивото на неврабнотеност во земјата.